И многу други возрасни битолчани прераскажуваат настани што се случувале во Дембел чаршија и тоа за периодот кога турското ропство било во распаѓање и кога во градот сѐ поголемо било присуството на странските дипломати и конзули. Во чаршијата имало на столб и два часовници кои покажувале различно време – ала франга и ала турка, односно едниот (турскиот) покажувал два часа порано според времето во Турција, а другиот според европското, односно француското време. Но, оние што седеле во чаршијата како да не ги интересирало времето. Муабетеле и пиеле со часови. Други како да работеле за нив, тргувале, произведувале и ги развивале занаетите. Се носела стока од други поголеми градови, пристигале и клавири.

Петар Ставрев