Во Битола еднаш си живееле двајца другари Мустафа и Алија. Двајцата биле млади и најголем дел од времето го поминувале ден губејќи по меаните на тогашната Дембел чаршија. Уживале во животот и младоста немилосрдно трошејќи го драгоценото време. Еден ден Мустафа му рекол на Алија дека вака повеќе не оди работата и дека мора нешто да преземат со сопствениот живот и да сторат нешто за себе и за својата иднина. Мустафа решил да оди во Цариград и да се образува со цел да постигне нешто во животот. Алија се зачудил од муабетот и му рекол дека тој не оди некаде и си останува во Битола да си ужива на Дембел чаршија.

Така и било. Мустафа заминал за Цариград. Се запишал на факултет, станал учен и почитуван човек. За неговата ученост и квалитети разбрале дури на дворот на Султанот и го ангажирале во државна служба. Полека Мустафа напредувал и стигнал да стане Везир на Султанот и негов советник. Штом стапил на функција првиот ферман кој го донесол бил да го назначи Алија за Валија во Битола. Кога стигнал ферманот, Алија од ненамислено станал Валија во Битола, благодарејќи на неговиот успешен другар Мустафа.

Поминало време и Алија како Валија во Битола носи ферман дека во секоја фамилија во која ќе почине човек, мора да го викне Валијата за да му шепне на уво нешто на умрениот и за тоа да плати еден златник. И така било. Во која и фамилија да умрел некој човек го викале Валијата за да му шепне на уво нешто на умрениот и за тоа плаќале 1 златник.

Рајата почнала да се бунтува и гласот за незадоволството стигнал до Цариград кај Везирот Мустафа. Тогаш Мустафа го повикал Алија на разговор да види што е работата за незадоволството на рајата. Кога стигнал Алија кај Мустафа овој го прашува:

“Добро бе другар кај се видело ова да одиш кај умрениот да му кажеш нешто на уво и за тоа еден златник да наплаќаш. И покрај се, добро мајко му стара што му кажуваш на умрениот на уво.”

На ова Алија смеејќи се одговорил дека на увото на секој починат човек го кажувал следното:

“ДУРИ Е МУСТАФА ВЕЗИР ВО ЦАРИГРАД И АЛИЈА ВАЛИЈА ВО БИТОЛА ВАКА ЌЕ ОДИ РАБОТАТА”.

(Анегдота раскажана од Климент Малески, мојот дедо)

Методија Атанасовски