Во бившата држава Југославија, Битола го уживаше епитетот на БОКСЕРСКИ ГРАД. Во тој поглед значајна улога одиграа и некои битолски момчиња кои оставија длабоки траги во овој спорт. На некои од нив, на нивните мечеви, битолчани и денес се сеќаваме и со задоволство ги прераскажуваме. Кога би се правела некаква ранг листа на битолски ЛЕГЕНДАРНИ БОКСЕРИ секако во самиот врв би се нашло името на ВЛАДО КОСТОВ во Битола попознат по прекарот ПУПУЧО.

БОКСЕРСКА КАРИЕРА (Од 1962 – 1979 година)

ВЛАДО КОСТОВ – ПУПУЧО имаше долга, богата и успешна боксерска кариера. Со преќини истата се одвиваше од 1962 до 1979 година. Во тој временски период битолските боксери своите тренинзи ги одржуваа во објектот „СОБЛЕКУВАЛНИ“, (во салата за „БОКСЕРСКИ ТРЕНИНЗИ“) на стадионот под Тумбе Кафе. Боксерските мечеви се одржуваа на стадионот „Под Тумбе Кафе“ и салите на кината „Трудбеник“ и „Партизан“. Во евиденцијата од наговата боксерска книшка евидентирано е дека имал 115 мечеви. Боксувал за Боксерските клубови: „Работник“, „Кочо Десано“ и „Пелистер“. Учесник е на осум државни првенства на Југославија од кои на четири се квалификова до полуфинале. Најчесто боксуваше во БАНТАМ (54 кг.), ПЕРОЛЕСНА (57 кг.) и ПОЛУ ВЕЛТЕР категорија (63,5 кг). Прв тренер му беше Томе Трајковски, но боксерската вештина ја има учено и од Јонче Доневски-Жан, Лазе Ѓаковски, Бата Ѓорѓевиќ и секако легендарниот Васко Талевски-Бомбардекос.

ГОЛЕМ БОКСЕРСКИ ТАЛЕНТ

Владо Костов-Пупучо навистина беше ГОЛЕМ БОКСЕРСКИ ТАЛЕНТ. Поточно, уште на почетокот од неговата боксерска кариера дојде до израз неговиот боксерски талент. Така во 1962 година, само по 7 месеци тренинг како член на Бк „Работник“ тој ќе настапи на Републичкото првенство на Македонија. На општо изненадување на сите Пупучо ќе го освои првото место. Исто така, во 1963 година, тој и Таше Робев учествуваат на државното првенство на Југославија које се одржа во Белград. Од Македонија Демиров во бантам категорија ќе го освои прво место, Т. Робев второ место а, В. Костов трето. Демиров ќе биде прв македонски боксер кој освои прво место на државно првенство на Југославија. Во тој временски период во бантам категорија навистина боксуваа боксери за посебен респект како Бајковиќ, Махмутовиќ, Демиров…

СЕЌАВАЊЕ

Се сеќавам на повеќе негови мечеви. На неколку посебно. За истите ќе дадам краток осврт:

1. КОСТОВ – ДЕМИРОВ 2:3. Традиционално во неговата богата боксерска кариера нај незгоден боксер му беше Демиров. Боксуваа во истата категорија – бантам и беше неминовно да дојде до нивна средба. Истата се случи 1963 година. Пупучо како денес се сеќава на таа средба. Еве ја неговата изјава: „Во 1963 година боксував против Демиров. Мечот беше вируозен, возбудлив, и неизвесен до самиот крај. Две рунди бев подобар, а во една противникот. Сепак мечот го загубив на поени. Судиите не дозволија да загуби тогашната голема надеж на македонскиот бокс“. Меѓутоа, овој пораз не го обесхрабри овој „БИТОЛСКИ БОКСЕРСКИ ЏЕНТЛМЕН“. Пупучо продолжи да боксува и да реди победи на рингот.

2. 1964 година, Стадион Под „ТУМБЕ КАФЕ“ меч со претставникот на репрезентацијата на Јужна Србија. Победа во втората рунда со технички нокаут.

3. КОСТОВ – СМИЛЕВСКИ 5:0
Во 1972 година, во Битола покрај Бк. „Работник“ егзистира и Бк „КОЧО ДЕСАНО“. По пауза од 7 години, Пупучо несебично се приклучи да поможи во „изградбата“ на нови боксерски таленти, пред се како тренер, но по потреба и како боксер. Овој голем љубител на „ПЛЕМЕНИТАТА ВЕШТИНА“ и „БОКСЕРСКИ ЧИВИЈАШ“ повторно се враќа на битолскиот боксерски ринг во 1976 година. Поточно, тој како член на боксерски клуб „Кочо Десано“ во Битола на 16.12.1976 година во преполнатата Сала на кино „Трудбеник“ (пред повеќе од 800 гледачи) ќе се сретни со боксерот на Бк „Скопје“ СМИЛЕВСКИ (голема нада на македонскиот бокс). Во една фантастична, динамична и вируозна борба ќе победи со едногласна одлука на судиите од 5 : 0. По мечот В. Костов-Пупучо ќе изјави: „Се вратив во боксот после 7 години пауза. Ова е доволна потврда за мојата љубов кон боксот. Исто така сакав да му помогнам на новоформираната екипа „Кочо Десано“ да состави целосна, но и цврста екипа“.
( Весник „Нова Македонија“ 16.12. 1976 година)

4. КОСТОВ – ЃОШЕВСКИ 5:0
Во почетокот на 1977 година, во рамките на Втората боксерска лига – Исток во Битола силите ќе ги одмерат Бк „Пелистер“ и Бк. „Скопје“. Мечот се одржа во преполнетата Сала на кино „Трудбеник“ (повеќе од 800 гледачи). Бк. „Пелистер“ победи со 11:9. Во полувелтер категорија Костов ќе се сретни со ЃОШЕВСКИ од Бк „Скопје“. (во тој период Ѓошевски и Димитриевски од Бк „Куманово“ ќе бидат големи таленти и надеж на македонскиот бокс). Меѓутоа, искусниот В.Костов-Пупучо ќе го победи Ѓошевски со едногласна одлука на судиите од 5 : 0.
(Видно од Весникот „Нова Македонија“ од 31.01.1977 год. )

ПРЕТСЕДАТЕЛ (БК „БИТОЛА“)
По иницијатива на група ентузијасти и бивши битолски боксери во јануари 1991 година, ќе биде регистриран нов боксерски клуб Бк „БИТОЛА“. Претседател на клубот ќе биде В.Костов-Пупучо.

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Владо Костов-Пупучо беше успешен и во приватниот живот, во графичкиот занает. Денес живее мирен пензионерски живот. Да му посакаме долга, среќна и мирна старост.

Укажување: Фотографија, Боксот во Битола, 1997 год. Д. Миновски.