За да ја доловиме донекаде, тајната и важноста на Бадник и Бадниковите поворки, мора кратко да кажеме за големината на празникот Рождество Христово.

Еден свет отец на црквата Свети Силуан Атонски, кажал:

Колку е поголема љубовта, толку е поголема жртвата.

Значи нема љубов без жртва, т.е жртвата е доказ за нечија љубов..

Од таму само скромно можеме да ја доловиме тајната на големата љубов Божја кон човекот, Кога Второто Лице на Пресвета Троица, Господ Исус Христос, надумно се смирува, и во тој чудесен кенозис Божји, заради нас луѓето и нашето спасение се овоплотува, прима човечка природа, станува како еден од нас, се со цел да нас паднатите созданија не обожи и подигни на небесата.

Всушност, преку тајната на Христовото раѓање се открива домостројот Божји за спасението на човекот.

И сега, пред оваа чудесна љубов Божја, најмалку што можеме да направиме е да Му благодариме, Го славиме и Го пееме.

Како што пред 2000 години, ангелот им ја соопшти радосната вест на овчарчината за радосната вест од раѓањето Христово во Витлеемската пештера, така и денес, децата како најчисти, најмили и ангелоподобни се најповикани први да ја носат таа вест по домовите, пеејќи

ХРИСТОС СЕ РОДИ !

Овде има и еден мистичен момент. Знаете, Бог е вечна љубов, но и вечна слобода. Тој не се наметнува, но смирено чека да го поканиме во нашите домови. И тогаш кога ние ќе ги отвориме вратите на бадникарите, кога учествуваме во Бадниковите поворки, ние ги отвараме вратите од нашите домови и за Богомладенецот Христос, но чудесно, тогаш се отвараат и вратите од нашите срца и се исполнуваат со неискажлив мир, утеха и небесна радост.

Божичната магија не е во надворешниот сјај на богатата украсеност на елките, домовите, градот, но во стоплените од милоста и љубовта кон Бога и ближните, срца и души.

И затоа е важно сите да земиме учество во тоа торжество на Божјата милост за нас, во тие славословија преку устите на младенците, за и Тој да земи учество во нашите животи, и нашите домови да станат витлеемски пештери, а нашите срца да станат витлеемски јасли во кои беше положен Богомладенецот Христос, каде секогаш ќе се чувствува Божјото присуство и ќе се слуша Христос се роди !

Традицијата на обновените Бадникови поворки во Битола е од 2009 година, кога преку Центарот за веронаука Св.Јован Богослов од Битола, се организираа истите, за потоа со формирањето на здружението “Бадникови поворки” на ниво на цела Македонија, во 2017 година, организациски се споија и заедно се организараат.

Во оваа 2024 г. Бадниковите активности ги започнаа уште денот пред Бадник со посета на јавни установи, со цел да донесат радост и кај вработените кои дежураа тој ден, но и одблиску да се запознаат со тие претпријатија. Веќе 6та година по ред на Бадник, го посетуват и старскиот дом Сју Рајдер каде учествуваат на нивната Бадникова вечера, на обострано задоволство (и дечињата и штитениците) , песната која го најавува Христовото раѓање носи неизмерна радост во сечие срце. А, годинава за првпат го посетија и старскиот дом Софија. Колку е убаво дечињата да учат за емпатија и да израдуваат осамени души.

Евангелската етичка порака од овој настан е по примерот на Христос, децата и сите ние, да се смириме, да почитуваме, да благодариме и да го славиме Бога. Да се храниме со доброто , со милоста со љубовта, бидејќи тоа што примаме, тоа и даваме. Посебно денес, кога младите се соочуваат со големи искушенија и предизвици, кога моралните вредности се деградирани и отфрлени, веронауката како етички ориентир, насушно е потребна за младите да знаат кој се, што се, и која е главната цел и мисија на сите нас. https://youtu.be/NhD9hAPw01Q?feature=shared

Знаете, убаво е да се пее за природата, за луѓето, за сета твар, но најубаво и најважно е кога Го пееме и Го славиме Оној, Кој е вечно жив, Кој е Почеток и крај, смислата и целта на нашето постоење.

Голема благодарност до сите деца и родители, кои во сите години наназад ни го разубавуваа градот како најубав и најмирисен букет цвеќина принесени на Богомладенецот Христос, пеејќи ја прекрасната Божиќна химна: “Вечниот Бог”.

Битола била обител, големо Божјо семејство, а сега со Бадниковите поворки, повторно станува обител, топло место на небесна утеха, мир и радост.

ХРИСТОС СЕ РОДИ !

Јасна Николовска