Во многунационалната и меѓуконфесионална Отоманска Империја многу брзо и многу лесно можело да се утврди кој на која верска или национална заедница й припаѓа. Заклучокот се извлекувал и на прв поглед, преку облеките, преку употребените бои во нив, по капите или чевлите, дури и по навидум не многу важечки употребени ситници. Истото важело како за мажите, така и за жените. Да се замени, пак, националната, со господарската, турската, облека била силна желба и општоприсутна. Магнет претставувале особено јавното и парадно носење оружје и јавањето ат, турски екслузивитет со векови. Во неможност тоа да го доживее, утешение за христијанинот му останал господарскиот детаљ, фесот, оттаму и толку многу посегања по него.

За мимикријава, се разбира, се знаело и често и грубо се реагирало и од највисоко место, со констатации: „…Старо време па сé до денес на никој од немуслиманите рајата, освен од редот на суруџиите, не му било дозволено да носи пушка, тиркеш, штит и други воени оружја, да јаваш, да завиткува на главата шулбен и да носи воен калпак, многумина од рајата и немуслиманите се шетале
на начин како што е погоре кажано.

Познато било и дека на Евреите и директно им било забрането да поседуваат робови, да носат свилена руба и да обуваат луксузни чевли, а за останатите пораката била „почесната облека им прилега на муслиманите“, а не и на рајата.

Сите тоа го знаеле, но ретко кој не правел обиди да ја доживее сласта што ја носи привилегијата. Но тоа се плаќало, некогаш и многу скапо. Битолски Евреин, во 1656 год., е ќ еден од оние кој поминал полесно. Од душегрижници муслимани бил фатен со забранета црвена капа, бил малтретиран на улица, потоа и насилно одвлечкан во неговото гето, со куп сериозни закани. Така, и во слични, поневидни ситуации непослушникот можел да помине и со пресоблекување во старата облека или со конфискување имот.

Но таква среќа немал млад Грк од Истанбул, за кој раскажува турскииот хроничар Абеси (18 век). Убаво дотеран и украсен, му го привлекол вниманието на султанот, кој беше излегол на прошетка инкогнито, заедно со двајца телохранители. Во првиот момент на султанот му оставил впечачаток дека е драгоман (преведувач) на некоја странска земја, но откако го повикал кај себе и го распрашал, утврдил дека дрско ги игнорира забраните, што било доволно да падне смртна наредба, која телохранителите веднаш и на самото место ја извршиле.

Интересно е дека османлиите не биле првите и единствените кои љубоморно внимавале на општествените одличја. И пред нив, и во средновековието не секој можел да носи оружје, не секој да вјава коњ и врз себе да има господска облека.

Извадок од книгата Калеидоскоп на проф. Александар Стерјовски