Длабоко всадени во светската историја, корените на женскиот триумф денес доминираат над сите упоришта – згаснати срцевини на патријархалните традиционални размислувања. Во мугрите на месецот март искована беше женската решителност за разбранување на дотогашниот стереотип за местото на жената во општеството и борбата за подобрување на условите за работа на жените и квалитативно подобрување на нивниот социјално – политички статус во општеството.

Макотрпно, но сложно, многу знајни и незнајни жени придонеле за поставувањето на темелот на пиедесталот врз кој ние,денешните жени, стоиме гордо.Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените се јавува на почетокот на 20 век, а на неа посебно инсистирало социјалистичкото движење. Но од сите нив, најголемите заслуги се на Роза Луксембург и Клара Цеткин, активистки и поборнички за женските права – правото на глас, времетраењето на работното време, подобри приходи…Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Веќе од наредната година, Денот на жената се прославува и во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири. Во Русија по иницијатива на Александра Колонтај, 8 март за првпат е прогласен за државен празник.

Камен-темелник на цврстата структура на празникот е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година.Од таа година па до денес, 8 март е Меѓународен ден на жената.Закитена е историјата на ова парче благословена земја и буре барут наречена Македонија, со жени хероини – првоборци, доктори, академици, просветни работници, пратеници, оперски изведувачи ,пеачи, актери, историчари – наша гордост, стожери на култот на македонската жената.
Македонија претставува непресушен извор на историја, откинувајќи залаци кои светот сеуште,а можеби и кои никогаш нема да може да ги проголта.

Надалеку прочуена, до францускиот Епинал и опеана во многу староградски песни, Битола е град со историја на конзули, стари цркви, пајтони, клавири, кафеани, џамии…Убавината на Бабам Битола ја надополнуваат и боженствено убавите жени, познати по својата елеганција и беспрекорниот моден вкус. Дотерани во фустани изработени од свила, атлас, кадифе и тантела, по Широк сокак, во минатото, битолчанките наликувале на најпрефинети парижанки.Покрај модата, битолчанките ги негувале и јазиците – факт кој Битола ја прави град и на полиглотите.

Под редот од вечни портрети на најмаркантните битолчанки силно сјаат имињата на Фана Кочовска – Цветковиќ, битолска партизанка и најмладиот борец во НОБ, Рајна Алексова, првата македонска фармацевтка, Естреја Овадија Мара, храбрата болничарка Мара од Февруарскиот поход и учесничка во организацијата на Првото заседание на АСНОМ, Фанула Папазоглу, академик, епиграф и стручњак по древната историја на Балканот, Захарија Шумљанска, згрижувач на сираци и водач на народна кујна по Илинденското востание, Коца Василева, борец во НОБ ,пратеник во Сојузното собрание на СФРЈ, во кое била одговорна за пречекот на Тито во Битола, Љубица Додовска, соработничка на Тодор Ангелевски – Тошо Даскало, Вера Нича – Пренда, првата битолска педијатарка, Елпида Караманди – Нада, македонска револуционерка, народен херој, Зина Креља, битолска оперска пеачка – сопран и првенка на Операта на Македонскиот Народен Театар, Милица Павловска, првата македонска трактористка, чиј татко Ристе Најденов ја започнал ерата на автомобилизмот во Македонија, купувајќи „Т-модел“ на „Форд“ на почетокот на дваесеттиот век, Станислава Караиванова, првата битолска учителка, Вера Вељанова, битолска спортистка и првенка на Македонија и Југославија, Жамила Коломонос, македонска револуционерка во НОБ, Јоана Поповска, , првенка на Народниот театар од Битола и една од водечките имиња на македонската глума, Вера Стојчевска – Антиќ, книжевен историчар и теоретичар, Јасминка Чакар, музички уметник и македонска пијанистка и педагог која се наоѓа на врвот од групата најплодни уметнички ликови во македонскиот музички живот, Ратка Чоревска, македонска глумица, доајен на македонската глума, мајка на битолските актери – браќата Чоревски, Борис и Благоја, Марија Чурлевска – Џидрова, битолска ракометарка, Милица Шперовиќ, битолска пијанистка и специјализант по пијано класите на Алдо Чиколини и Владо Перлемитер, Донка Петровска, изведувач на македонски народни песни. Нивните имиња и нивните дела нека бидат пример на сите нас.

Со силна мисла, лавовска храброст и одлучност, јурете кон предизвиците испречени на нашите животни патишта, триумфирајќи над секој.Шармот на мојата Битола лежи во префинетоста во палариите на битолските еснаф господа, во уникатните шешири, бисери и фустани од црвена свила и кадифе на дамите, поткрепен со квалитетот на личноста, кој доаѓа од јаркоста, одлучноста, храброста, куражот. Тоа се одликите на горенаведените смели битолчанки, чиј личен печат останува трајно врз битолската градска,но и македонската историја. Во невреме и во време. Битолчанките останаа цврсто карактерни,смели и упорни жени.

Срдечен поздрав и честитки по повод 8 март им упатувам на моите сограѓанки, на моите битолски дами!

Пишува Магдалена Петровска