Вечерва на 08.11.2023г. во 18.00 ч во преполната Мала сала на Центарот за Култура во Битола се одржа промоцијата на првото дебитантско дело на Д-р Анастасија Кокан Петровска насловено како „Бабам Битола со расказите за Паца и Мендо“. На промоцијата присуствуваше и нејзиниот син Игор Петровски кој за промоцијата допатува од САД каде работи и живее со неговото семејство. Како исклучителна личност која му даде посебен белег на целиот настан беше познатата битолчанка и наратор Силвана Петрова Насух која со фризура и стајлинг од 70-тите оригинално го долови ликот на Паца и така во оригинален стил ја започна промоцијата со еден расказ во кој Паца раскажува како некогаш се славеше Митровден.

На крајот ѝ се заблагодари на домаќинот, Центарот за Култура во Битола кој ги отвори вратите за оваа промоција заедно со раководителот, директорката Маја Андиновска Илијевска која истакна:

„Празник е, Митровден. Слава на многу битолчани кои широко ги отвораат вратите на своите домови, за добронамерници, роднини и пријатели, за алаф муабет, за радости, за насмевки.
Во Центарот за култура Битола, кај народот познат како Домот, празник е секој настан каде се раѓа дело кое ќе остане да сведочи за едно време, за едни луѓе, за емоциите со кои е создавано…
Денес го посветуваме празникот на Паца и Мендо, на чедата кои се родија од вештото перо на докторката Анастасија Кокан Петровска. Ликови кои ни го разубавууват тмурното секојдневие повеќе од две години.
Секогаш кога читам расказ за Паца и Мендо, се чувствувам како да сум ставена во временска машина на моето срце. Се вратив во моето рано детство, и Паца и Мендо стануваа разни драги луѓе со кои животот ни ги вкрстувал и разделувал патиштата. Ги видов во баба ми Нада и дедо ми Боро, во тетка Цвета и чичко Мишко, во чичко Кочо и тетка Маре, и нивните први комшии чичко Фани и тетка Мими…. Паца и Мендо понекогаш сме и јас и мојот сопруг, ако ќе речеш нови генерации пишуваат нови приказни. Има во расказите нешто толку топло, човечко, реално, има толку многу скриени насмевки кога читаш за згодите и незгодите на еден пар кој успевaл да се радува на ситните нешта кои им носеле големи радости, на излетите до Претор, на женскиот инает кој планини поместува, на прстенчето од лерин, на семејните средби, на мирисот на дунките ставени над гардеробите,…. на еден поубав живот кој се помалку го има . и тука по малку се раѓа и тагата. Зошто забораваме килку малку е потребно да бидеш среќен…
Душата ми се радува што промоцијата се случува затоа што сеуште постојат битолчани кои со иста страст на животот гледаат, му даваат шанса да е подобар, творат и работат и направија се , ова мало ремек дело да излезе во печатено издание. На сите нив во овој момент им благодарам од срце, а на докторката Анастасија ќе и посакам уште многу раскази со кои ќе остави аманет за генерациите кои доаѓаат дека сите ние стоиме пред разни предивици во животот. Но најважно е да останеме луѓе.
Онакви обични, чисти како паца и мендо.

Ви посакувам пријатна вечер и промоција на сите присутни, и уживајте во промоцијата.“

Послем големиот аплауз следуваше уште една нарација на Силвана каде не запозна со дубиозите и ќерефеките на „Мајстор Мендо“, уште еден од 75 раскази кои се дел од оваа книга, преставувајќи ја Гордана Такец како промотор на ова значајно дело.

Гордана е првата жена адвокат во Битола, писател и поет по вокација, добитничка на овогодинешната 4-ти Ноември. Делото на Анастасија Кокан Петровска го спореди со делата на српскиот текстописец Момо Капор, дело во кое преку два лика можете да патувате низ временска машина насекаде низ светот. Меѓу другото несебично пред целата публика Гордана посочи дека конечно Битола и битолчани за првпат добија оригинално битолско дело со кое можиме комплетно да бидиме горди како такви, и дека ова мора да има продолжение и така ќе продолжиме да си ги негуваме вистинските градски вредности.

Следуваше повторно Силвана со уште еден расказ од книгата за кој доби громогласен аплауз,

преставувајќи ја на крајот авторот, некогашен доктор по професија Анастасија Кокан Петровска која ја отвори душата пред целата публика:

Се надевам дека ќе успеам да го прочитам текстот што е пред мене , затоа што е ужасно тешко да се зборува кога болката и тагата ти стојат како грутка во грлото ! Во мигот кога заедно со мојот син и јас престанав да живеам, единствената светла точка и смислата за моето понатамошно битисување беше мојот постар син Игор и неговото семејство, сопругата Ивон и моите внуци : Кирил и Мила ! Игор живее и работи во Америка , и тој е е најдобар пример како треба да се почитуваат и сакаат родителите ! Повеќе од материјалната е битна моралната подршка а Игор е тука секогаш со нас ,кога имаме потреба, и за среќни и за тажни мигови во нашите животи Оваа година доаѓа по трет пат во Битола ,овој пат за мене да ми биде поддршка , да присуствува на оваа промоција , да си ја види мајка си за која цел живот знае дека е лекар и која на негово чудење, се трансформира во раскажувач ! Игор е благослов и безгранична љубов , мојот живот и целиот мој свет ! Поздрав до сите Петровски јуниори, неизмерно ви благодарам бескрајно ве сакам ! Јас сум лекар по професија и мојата задача беше да им го чувам здравјето на луѓето и да ги лекувам болните !Расказите за Паца и Мендо почнав да ги пишувам во летото 2020 година после една лична трагедија која речиси ме уништи , ми го преврти животот , кога престанав да постојам ! Два и пол месеци во текот на тоа лето, секоја вечер читавте по еден расказ , во време кога беснееше еден вирус, кога седевме дома изолирани од блиските, во карантин , уплашени, разочарани, гневни, обесхрабрени ! Пишувавте во своите коментари дека ви го разубавувам денот и дека за миг заборавате на таксиратот што не снајде а јас пак си ја лекував тагата и болката кои постојано ме притискаа со целата своја свирепост ! Постојано на работ од една бездна , со истите мисли и неодговорени прашања кои постојано ми се вртат во главата , немаше да ги преживеам сите години на безмерна тага и болка , ако не пишував и ако не бевте вие со вашата поддршка ! Одговор на прашањето , зошто и како почнав да пишувам, ќе најдете во текстот што се наоѓа на крајот од книгата ! Кога ќе го прочитате текстот , ќе сфатите кој ми ја даде идејата и зошто почнав да пишувам и се надевам дека ќе ми верувате ! На мојата листа за благодарници, на прво место е Зоран Ѓоргиев, човекот кој ја поттикна иницијативата за печатење на книгата, кој организираше и менаџираше се’ што треба за една книга да стигне до печатница и да се укоричи ! Дизајнот на корицата на книгата, корекција на текстовите , лектори , рецензенти, финансиска помош , сето тоа го правеше толку брзо , што гледано од страна изгледаше лесно изводливо, но тој си знае колку сето тоа е напорно и колку одзема време ! Еднаш го прашав како се нафати да го прави тоа, обично луѓето ги избегнуваат тажните и несреќните ! Ми одговори дека го прави од срце и јас му верувам ! Рече дека книгата ќе биде цакум – пакум и навистина е цакум – пакум ! Втор по ред за благодарница е Кети Радевска, битолчанка, уметник кој со своите цртежи и карикатури , учествува насекаде во светот и по правило секогаш ги добива највисоките награди и признанија ! Нејзина е идејата за цртежот на насловната страна и неколку цртежи на страниците на книгат! Ти благодарам Кети за прекрасниот подарок ! Да им се заблагодарам и на останатите кои учествуваа во припрема на книгата, лекторот Кристијан Аџиоски, рецензентите Биљана Тодоровска и Мишо Алексовски , Ана Караманди за дизајнот на корицата, издавачот Графо Пром – Битола и на сите што финансиски помогнаа со свои донации : Министерството за култура и министерката Бисера Костадиновска Стојчевска ; Билјана Папалевска Стефановски ; Маја Илова; Фанија Мемца; Анета Димовска Шиклоски ; Кристина Јохансон ! …… Благодарност за сите што ја организираа и учествуваат во оваа промоција : Директорката на Цантарот за култура – Маја Андоновски Илиевски која ни ја отстапи салата и го осмисли целиот настан , како на и вработените од овој Центар на културата! Промотор е Гордана Такец, адвокат по професија, писател и поет по вокација ! Наратор е единствената и маестрална Др. Силвана Петрова Насух !
И на крај , најбитно за мене е што книгата му ја посветувам на мојот син Константин Македонски Петровски – Кокан и на сите млади кои прерано го напуштија овој свет ! Секој што ќе ја отвори книгата да ја чита, прво ќе ја види фотографијата и ќе го прочита името на мојот Кокан , со тоа му подарив вечност за јас да бидам спокојна кога ќе заминам од другата страна на виножитото ! Во еден расказ Паца напиша дека ќе застане на почетокот на Шеталиштето и ќе ве изгушка сите што ги читате нејзините раскази ! Паца си стои на зборот, кажете кога , јас сите ќе ве изгушкам ! Ви благодарам на сите овде присатни и на сите што ги читаа расказите за Паца и Мендо , ви благодарам за времето што го одвоивте и за вниманието што ми го посветувате ! Честит именден на дедото на Паца, на мојот сопруг и на сите што го чествуваат и слават името на овој голем светител Св. Димитрије.

На крајот битолската публика имаше можност да добие примерок од ова дело заедно со потписот од авторката. Книгата е помогната од Министерство за Култура и министерката Бисера Костадиновски Стојчевска, Фанија Мемца, Билјана Папалевска Стефановска, Маја Илова, Анета Димовски Шикловски и Кристина Јохансон. Рецензенти се Биљана Тодоровска и Мишо Алексовски, лектор Христијан Аџиоски, илустрации Кети Радевска, ликовно и графичко уредување Ана Караманди. Печати Графо Пром во 300 примероци. Голема благодарност до Валентин Соклевски и целата екипа за тон и светло од ЦК Битола, фотограф Диоген Хаџи Коста Милевски и Агим Џело за камера и видео документирање.

Битола била и ќе биди.

Фотографии Диоген Хаџи Коста Милевски