Бисерот на ориентот во Битола,
Керим-беговиот амам, каде што пред три века агите и беговите уживале во турската бања и сауна се наоѓа во близина на училиштето Ѓорги Сугарев, поранешниот злогласен турски затвор Катил Зандани.

На времето во градот имало четири бањи каде преку посебни системи водата се црпела и носела од реката Драгор.

Од месноста викана Крива Воденица преку систем од керамички цевки водата се пренесувала во дворот на бањата на Керим беговиот амам. Таму се наоѓа ќуљанот или ложиштето во кое се загреваше водата со големи корења од дрва и така загреана одеше во бањата, каде што се тураше во сановите, коритата и базените.

Остаток од мермерните плочи

Тука посетителите со посебни чингени садови, наречени тасови, зацрпуваа вода и ја истураа низ телата. Околу коритата беа поставени мермерни плочи на кои посетителите одморале и добивале масажа.

Градските амами долго претставуваа симбол на заедничкото живеење на различните етникуми во Битола. Тука се капеле невестите турчинки,рисјанки а најповеќе еврејките.Заедно со нивната придружба во пајтони доаѓале и влегувале низ големите порти на амамот.

Тоа што е останато од фонтаната

Додека невестата се капела, во претсобјето на бањата нејзините придружнички пееле, тропале на дајриња и играле. Присутните ги послужувале со локуми, шеќери и ладна газоза. Бањата е изградена пред неколку века и во својот систем имала подно греење. Поради пареата од топлата вода што излегувала низ отворите на куполите, битолчани велеле дека амамот гори.

Отворите на таванот се обични стаклени тегли низ кои влегува светлина

По кажување на неговиот комшија,пензионираниот професор Ице, последен газда на амамот бил евреинот Пепо Маламати кој од турчин го купува амамот,но во 1943 г. заедно со неговата сопруга и три ќерки е депортиран во Треблинка, од каде не се враќа.

Според раскажувањата на старата битолчанка Гулче Астор во „курни“ ( коритца) се полнеше топла вода која потоа се црпеше со тасови за потурање. Тоа беше првата просторија со најмлака температура. Кај соблекувалната имаше и едно мало базенче со студена вода што го викаа „Еврејска бања“ . Во првата просторија имаше и една поголема мермерна плоча на средина којашто служела за масажи.

Од она што се сеќавала таа главната аула на амамот, веднаш до влезот во соблекувалната имаше уште една просторија со неколку кревети за одмор. Тука жените се одмораа по преседувањето во најтоплото трето одделение и пиеја газоза што се продаваше кај влезот. Инаку, според кажувањата на нејзината баба, најинтересно било кога ја носеле невестата на капење и каносување пред свадбата. Тогаш останувале по цел ден. Амамот освен за хигиена, служел и како друштвена просторија во која се собирале жените, муабетеле, пееле. Опремата -пештемали, тасови, чиста преслека се носела во бовчи. А Еврејките после капењето внатре, на крај влегувале во базенчето со студена вода во кој постојано течело студена вода од една чешма…

Во склоп со бањата,чинарот и старото турско училиште “амам сокакот” може да биде интересна целина за разгледување за нас битолчани и туристите кои секојдневно го посетуваат нашиот град со што би се облагородил и еден дел од нашето минато и историја …