Не знам за вас ама јас генерално ја чистам куќата два пати во годината , еднаш на пролет и еднаш на есен .Кога бев млада ми требаше најмногу два дена за да ја исчистам целата куќа и тоа со пеење . .

Како идеа годините , си додавав уште по еден ден на секој пет години и сега и една недела ми е малку да си ја исчистам . Ме теши Мендо мој, покроце Пацо никој не те брка , никој не ти прави контрола,ништо не е хитно за да си ја силиш душата , колку можеш, толку . Почнувам од детската соба, не се користи откако си заминаа децата и си оформија свои семејства.. И сега си мислите дека таму немам работа! Е па се лажете. Има една комода и во неа сите албуми со фотографии и секое чистење го правам истото. Ќе си земам некој албум, ќе си сварам едно кафе и ќе си седнам на една фотеља во дневната соба.

Си вртам страните , спомени и емоции колку сакаш, некогаш толку се разнежнувам што ќе си пуштам и некоја солза. Многу си ги сакам црно – белите фотографии и ги имам некаде до полуматурата на Жаклина, после тоа сите се во боја . Ќе си се потсетам на нашата свадба, децата кога беа мали, некои фотографии од летовање,,свадби, крштевки, групни фотографии од некои излети, некои блиски и драги личности и еве ја нашата прва кола . Потоа си земам друг албум, па друг и така ќе си помини речиси цел ден .

Другиот ден не ја чепкам појќе комодата, ќе го измијам џамо, ќе го исперам пердето и ќе поминам со правосмукалката . Сега имам нова со резервоар за вода , па кога ја чистам секогаш се плашам да не го затнам одводот во купатилото .. На ред е спалната соба . Треба да ги размонтирам креветите за да го исчистам магацинот што е под нив. Пердето е рачно плетено со чингелаќе од бабата на Мендо и него го перам на раце со многу внимание. Едно такво исправ во машина ,,од што беше старо се распадна целото , од машината извадив еден куп сплеткани конци . Е сега најтешката работа, гардеробот и моите алишта во него . Секоја сезона ќе ги извадам сите , од нив ќе облечам само неколку работи,другите испери ги, здипли ги и врати ги назад . И тоа го правам со години назад . Многу пати се имам натокмено да исфрлам нешто, ама не можам, за секое парче облека ме врзва некој спомен . Си велам да се јави некој доброволец , јас да му кажам што носам а што не,па тој да ги исфрли, ама јас да не гледам. Ај ќе видиме наредниот пат па ќе се договориме .

Во кујната најмногу работа има со шпаизо, да се чуди човек колку работи собира во него. Еден ден не ти е доволно да го расчистиш , ќе останеш заглавена во него . Сега на ред е дневната соба и регалот кој ми е душман за чистење. Полн е со сервиси за кафе, за чај, за јадење, есцајзи, тафти,овали, кристални чаши, вазни и жардињери,, ќебиња и сувенири. Речиси ништо од тоа не употребувам и така си стојат со години , ќе им ги оставам во наследство на децата па тие нека ги фрлаат.

Што ти требаше Пацо да се лакомиш и да купуваш толку многу работи и по обичај се´ дупло . Не ги сакаат ни децата , велат дека сега не биле модерни. Пердето кобајаги не се пегла, кога го ставив после првото перење без да го испеглам беше како изџвакано. Мендо е задолжен да ги мести пердињата , па ми беше греф да му речам да го откачи од штипките , па затоа го испеглав на лице место со пеглата и едно ќебе , дел по дел целото а машала огромно е . На крај ми останува уште купатилото, и таму има работа , ама мене ми е убаво кога работам со вода , за на крај да се пикнам во кадата, да по уживам и да си ги одморам коските и мускулите оти се ´ ме боли и врти.

Последните години употребувам и некои еколошки препарати за чистење , да се знае колку придонесуваме и се грижам за здрава животна средина . На крај куќата свети, мириса на чисто, од мерак да ја гледаш и да си уживаш . Еве иди пролетното генерално чистење , па да видам колку дена ќе ми требаат овој пат , можда ќе треба да си додадам уште еден ден за да си ја светнам куќата . Еден совет од мене: полека со чистењето, кога ќе го развлечите на една недела нема да ви се види многу напорно. Сега во таа недела домот ќе ви изгледа како да има паднато бомба, но што ви е гајле, вие само уживајте и немојте да ми се уморите .

Поздрав, ве сака вашата ПАЦЕ ! ПОЗДРАВ И ОД МЕНЕ – АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА