Затворениот базен од 40 м2 шо се прај веќе 5 години кај ОУ Даме Груев заедно со новиот кружен тек со една лента кој најмалку ни беше потребен на градо и скроз го забави сообраќајот беа дел од виртуелната реалност која за прв пат пред битолчани беше претставена во еден од битолските универзитети. Во ова т.н. виртуелно издание затворениот базен беше целиот наполнат со топла вода и во него се учеа да пливаат младите ученици од ОУ Даме Груев, кои по пливачки костими беа заедно со нивните наставници по физичко. Додека споменатиот кружен тек откако беше направен кружен кај Триангл, кружен кај Коле Канински, кружен на Филип 2-ри Македонски со Наум Наумовски Борче (пред Вингс) кај шо има везден сообраќајки ете му стигна редот и на овај кај Ат Пазар ама во овај случај со две ленти и повторно во неговата околина беа посадени 17 дрва кои непотребно беа исечени.

Во филмот виртуелно беше преставен и топловодот како врви низ битолските улици кои не можат зимско време ниту да замрзнат од топлината која ја емитуваат цевките низ кои е спроводен, додека голем дел од битолчаните лежерно се чуствуваа како да се на бањи во Лутраки и многу од нив шетаа со бели крпи за капење околу нив.

За време на проекцијата виртуелно беше споделено и каењето и извинувањето на еден наш битолчанец кој сега е амбасадор во една од ексјугословенските републики каде кога стапи на функција се појавија поплави од епски размери досега невидени ниту опишани во книгите на Данте Алигиери.

Низ солзи тој сочуствуваше со присутните и им се извини од срце за неостварените ветувања за нов ски центар кај Орлови Бари, топови за снег и нов автопат со 4 ленти за Прилеп покажувајќи го неговиот пасош со Република Македонија без Северна заради кој моментално не можел да напушти функцијата и да си дојди назад за повторно да живее со нас во Битола.

Ова кај присутните делуваше доста емоционално. Голем дел од нив ги извадоа гаџетите со кои беа внесени во другиот свет и се расплакаа гушкајќи се еден со друг. На крајот како изненадување беа прикажани новите филтри на оџаците од РЕК Битола заедно со борците кои протестираа и блокираа улици како со нив носат рентгенски снимки од нивните чисти бели дробови и се гушкат со сите битолчани низ Широк сокак.

Време беше и Битола малку да поживее во виртуелна реалност,

…е еден од коментарите на нашиот репортер кој беше присутен на овај несекојдневен и виртуелен настан, но заборави да го извади визирот и продолжи да живее возејќи се заедно со музиката на пајтон, пеејќи ја „Ако одам во Битола“ патувајќи длабоко во убавините кои Битола ги заслужува ….


Текстот е виртуелен и е дел од рубриката ЛабавО, наменет само за забава на пошироката народна маса. Секој шо ќе се пронајди во него сам си е крив. Ние извинете, не ве забораваме.

Од управата.