Украсувањето со накит е женска склоност што може да се проследи дури од предисторијата. Дворјанките, пак, во средновековието особено ги милувале бисерите, златото и
среброто, а селанката од ова време, она до што можела да дојде, станкленца и парички. Таа склоност продолжила и за време на османлиската управа и за неа патописците оставиле мноштво податоци. Ханс Дервшвам (1553-1555) пишува дека косите на балканската селанка биле со многу плетенки, обединети во мрежа, дека ушите й биле украсени со обетки, а вратот со венци од сини стакленца, мониста, месингови парички. Таква склоност забележал и Французинот Кани (1573): „Женише од овој крај, вели тој, сите сиромашни, имаат по косата многубројни накити направени од сребро и носат огромни обетки. По плетениците и околу вратот имаат сребрени пари акчиња, стакаленца, килибар или дукати и колку повеќе имаат од нив, толку повеќе се смешаат за поубави и пограциозни“. Не ретко, како што информираат и други патописци, косите и биле украсени и со цвеќиња. Накитот се сметал за ценета стока, можел да биде мотив и за грабеж.

Бесправно присвојување, кое дошло и до битолскиот суд, се случило во 1639 год. Некој си Никола Гроздан, жител на село Олевени, го оптужил Хусеин Спахи, не само за нанесените телесни повреди, туку и за грабеж на две обетки. Сличен грабеж се случил и во 1642 год. во Битола. Бил извршен во тесен семеен круг. Крадецот била снаата Еурека, која присвоила пари, платно, шарена торба, рало ракави од црвен атлас, но и три обетки, сребрен прстен, сребрено синџирче и сребрена врзувалка. Таков се повторил и во 1865 год. Менка, ќерка на Трајко, од Кара Табак Маало, ја оптужила родената сестра дека и украла накит и златници, а оптужената се бранела дека и се татков дар, но не можела да го докаже тоа, па спорот го изгубила.

Покрај главата, жената милувала да ги украсува и градите. Александар Бизани (1799), запишал дека „скоро наполно и беа скриени со ѓердани од турски стари и златни пари. “ И Шапкарев го потврдува истото, дека низи од пари, џинџуриња, обетки и украси од материјали што се посочени од патописците, жените употребувале и во неговото време.

Такво било украсувањето и на селанката од Битолско. Од крајот на 19 век го имаме и овој опис: „Она што треба да се забележи, тврди публицистот и патник А. Шопов, е што битолската селанка реди врз себе е сè што може да й го види окото, светло, шарено, ласкаво. Од главата й се гледаат само носот, очите, кај некои и устата. Сè друго е покриено, пришиено со секакви триагленца, шарени капчиња и наблизо врзани крпички. Од главата надолу по плеќите й се спуштаат безброј плетенки, обнизани со сезможни стари сребрени и метални монети, чија должност е да дрнкаат кога оди да игра. Големите обетки беа сребрени, низите на градите „флорини“.

Скоро без никакви измени, ваквото украсување продолжило и до Втората светска војна, повторно со украсување на вратот и градите со низи од пари, најмногу со златници.

Извадок од книгата Калеидоскоп на Александар Стерјовски