Еден ден ми носат децата едно куче, големо, рунтаво како Мендо мој.

Добро мори Пацо како ти иди така, секогаш кога ќе видиш нешто големо и рунтаво, да помислиш на Мендо твој !

Да го задржиме мама ми велат децата. Да го задржиме , се сложвам, ами кој ќе го шета ? Се јавуваат доброволци, Жаклина и Ленин . Ме гледа кучето, очи питоми и тажни, ти се чини ќе заплаче од радост ако го задржиме .

Кандисав и потоа два дена му одбиравме име . Фрчат предлози од три страни, само Мендо си стои настрана и си молчи. Лео, Бен, Макс, Тоби, Стар, Барт, Раф, Рекс, Роки, Одисеј, Џони , Лаки, Дјук, некој рече и Султан. Ми текна, ајде да го викнеме нункото Панде,тој е по имињата, ќе му одбере некое руско и не дај Боже да му текне – Сталин, е дури тогаш ќе му кажам што ми лежи на срце, откако детето ми го крсти Ленин .

Е тогаш се вмеша Мендо, жено бушава (пред два дена ја напраив косата ладна ондулација и глаата ми беше дупло поголема), дали се слушаш што зборваш, ќе го викнала нункото, Госпо да чува и брани. Јас ќе ви кажам име – Шарко , пресече Мендо .

Си мислам во умо , овој има примено од нункото за клавање терсене имиња. Аман бе Мендо кај имаш слушнато Шарко ? Мртов ладен ми одговара, кога одев на гости кај дедо ми во Ивањевци, секое второ куче се викаше Шарко а секое прво Мурџо , па ти бирај, еве ти шанса да си одбереш име по желба. Голем избор ми даде, но тоа е , Мендо не попушта. Го шетаа децата Шарко една недела, Мендо ич и сега Паца шета куче низ Боримечка, врзано со еден убав ремен, два пати во дено. Остај шетањето, ами што морам на секое излегвање да се дотервам. Се чудеа кога ме гледаа и ме зборваа еден месец, после се научија и Шарко стана главна ѕвезда во Боримечка. Сега како што е големо, тоа ме шета мене, си мочка кај ќе му текне на секој пет метра а за она другото, си носам најлонче и собирам по него.

Од кај виде жено бушава ме праша Менде за тоа најлончето ? Од нигде ама си помислив ако не го соберам, тоа е исто како да не пуштиш вода од казанчето во вецето, кога ќе свршиш работа, ќе ја усмрдиш цела куќа. Кога шетавме на Шеталиште со Шарко, околу нас кучкари со кучиња колку сакаш. Јас за да ги научам на културно однесување, кога ги собирав каките, правев цела претстава. Ќе го извадев најлончето од чанта, ќе клекнев елегантно, ќе ја пикнев раката во најлончето , ќе ја дофатев каката и ќе го превртев најлонот .Убава претстава ми вели Мендо мој, уште да имаш публика што ќе ти шлука .Си велев белким ќе научат нешто ! Галиба не научија, си терат по старо и паркот и Шеталиштето се претворени во склад за кучешки каки. Најлончињата ги собирав од пресното млеко што го купвавме во продавница, ќе ги измиев и ќе ги наредив во еден поголем најлон. Со најлони тогаш не снабдуваше Грција, кога одевме Лерин, се´ што купвавме беше во најлони и ние сите си ги собиравме и ни служеа за се´и сешто.

Шарко го храниме со тоа што ќе остане од нашето јадење, му купваме и виршли, коски, паштети и кучешка храна . Кога ќе се најади, тоа што му е отпојќе го закопва во бавчата. Бидејќи не памти кај закопал, ми ја прекопа цела бавча . Мендо му направи куќарка и не го врзваме, слободно си шета низ дворо . Лае само на други кучиња и на поштарот. Сигурно не слуша кога се жалиме од тие сметките што поштаро ни ги носи секој месец ,па сака некако да ни помогне и да ни се одолжи за тоа што го гледаме.

Го носиме и на ветеринарен доктор,си ги прима сите вакцини , па му извадивме и пасош . Кутрио не мрдна од Битола подалеку оти кога одиме на одмор, го оставаме на свекрва ми да го чува. Кога ќе и кажевме дека и го оставаме на чување, ќе се израдваше како мајка со покакано дете. Еднаш ни го снема два дена, кога се врати целиот беше издраскан, искасан, валкан и уморен. Тогаш не знаев што да мислам , дали Шарко наш беше во љубовна авантура или се бореше со други кучиња. Менде ќе да знаеше нешто оти се потсмеваше под мустаќ (нема мустаќи Менде ама така се вели ).

Ми стана јасно по извесно време кога низ Боримечка почнаа да шетаат три мали кутриња, копија на Шарко наш .,Не можев да ги задржам сите, ама ги вдомив кај наши пријатели . Се врза за мене Шарко, а оти па не, кога целиот измет јас му го правев,, ми дојде како трето дете што секој ден го шетав , го хранев, го капев , го носев на ветеринар, го галев, па ќе се заборавев некогаш и ќе му речев: убав тој на мајка а тој како да беше човек, ќе му се наполнеа очите со солзи . .

Ве интересира што стана со мојата коса , ми порасна, падна ондулацијата и никогаш појќе не ми текна да ја направам истата грешка . Цело време Мендо мој ме викаше жено бушава,па се уплашив да на ми го забраи името . Се шегувам, како може Мендо да ја заборави.

Анастасија Кокан Петровска