Државниот архив – Одделение Битола, денес во 20.00 ч. ја имаше честа да ја отвори изложбата „Милтон. 140 години од раѓањето на Милтон Манаки“.

Изложбата е отворена во малата сала на НУ Завод и музеј Битола. Изложбата како поставка отворена за јавност тука ќе биде до 26 август.

Оваа самостојна изложба на Државен архив – Одделение Битола е во рамки на овогодинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, поддржана од Министерството за Култура и во соработка со НУ Завод и музеј Битола.

Раководителот на Државен Архив Одделение Битола м-р Гоце Стојановски во неговиот пригоден говор не запозна што понатаму ќе следи во врска со делата на големите Браќа Манаки:

Ние сме обични архивски работници кои што ја имаат таа привилегија секојдневно да се
непосредно со Милтон и неговиот брат Јанаки, со нивнниот начин на живот, нивното општествено
делување и нивната фотографска дејност. Исти такви архивски работници кај кои што канонот Милтон одел пред повеќе од 6 децении историски свесен за вредноста на својата животна креација којашто ја доверил на чување во нашата институција. Му се воодушевуваме на нивната
Клисурчанка онака како што му се воодушевувале во 1906 година кога ја добиле својата прва голема награда на натпревар за фотографија во Букурешт. А Клисурчанката е само капка во морето на нивната мултидимензионалност.

Верувајте има за што уште да се воодешувуваме затоа што тие не биле обични фотографи. Тие биле мајстори на својот занает, уметници, хроничари и пред се сонувачи. Претходните генерации на архивски работници го споделиле нивниот материјал со нас, го обработувале и го промовирале, но тука сме пред вас да ви кажиме дека оваа генерација
е подготвена нивната приказна да ја направи светска. Да му кажиме на светот дека биле луѓе пред своето време и како што ИФФК БРАКА МАНАКИ ги однесе нивните имиња во светот на кинематографијата ние да ги однесиме во светот на истражувачите. Грантот кој го добивме од фондацијата Аркадија во рамки на програмата за загрозени архиви администриран од Британската библиотека за проектот „Time stands still…” ќе ни овозможи целосна дигитализација на најкомплексниот и најколоритен фонд кој го имаме во битолското одделение и токму преку платформата на Британска библиотека ќе го однесиме во кој дел од светот.

Во период од две години тим од Битолскиот архив ќе работи на комплетна дигитализација на околу 20000 фотографии, рол и план филмови, стаклени негативи и документи. Реализацијата ја почнуваме овај септември и се радуваме на периодот кој е пред нас, а првичните состаноци со
стручниот тим од Британска библиотека веќе ги започнавме. Да се отпакува нов материјал ocoбeнo од Фондот 580 за еден историчар или архивски работник не само што е предизвик, туку е и остварување на сон. Наша е привилегијата, но и одговорноста кон овај проект да испорачаме резултати и само ќе речам дека не сме подтовени на друга опција освен онаа што се вика успех.

Почнувајќи од септември нашите локални херои Милтон и Јанаки стануваат транснационални.
Можеби некој од Вас би се запрашал како овие етнички власи од малата Авдела кои дошле да живеат и работат во својата сакана Битола станаа наш битолски и македонски бренд. Одговорот е едноставен и самоуверено сами го давале. Милтон знаел да речи дека не само печатот, туку целиот Балкан ќе зборува за неговиот живот и неговата биографија и навистина е така, но наскоро ќе бидат надминати и овие граници.

За крај сакам да зборувам за една наша битолска работа, наша, на архивот, на градот, за една домашна задача која сеуште не сме ја сработиле. Имено, во своето последно интервју за култното радио Битола, неколку недели пред својата смрт, Милтон седел наспроти тогаш младиот новинар Петар и истакнал дека сака во ова град каде што работел и создавал еден ден да има негова спомен збирка. На истото радио две години подоцна тогашните новинари пишувале и критикувале дека оваа негова последна желба не е реализирана. Речиси шест децении потоа стоиме пред Вас и Ви кажуваме, имаме пријатели, наши подржувачи, битолчани со кои имаме заедничка визија и се подготвени да помогнат и веќе
помагаат во реализацијата на оваа последна желба на маркантниот Милтон.

Изминативе неколку месеци најдобрите инжинери, архитекти во овај град деноноќно работеа со тимот кој е пред Вас на проектот наречен Спомен соба на Манаки и комлетно ни донираа идејно решение за овај проект. Во наредниот период ни преостанува да продолжиме сите ние заедно да почниме да го реализираме овај проект затоа што повеќе немаме изговори пред Фондот кој наскоро ќе биде првиот воопшто прогласен фонд за културно наследство од исклучително значење во нашата држава и пред творештвото на кое што наскоро светот ќе се поклони.

Визијата која ја споеделуваме со нашите пријатели кои го донираа ова идејно решение треба да стане наша, ваша реалност, а со подршка на сите релевантни фактори во нашето општество Ве уверувам дека ќе ја реализираме. Пред видео презентацијата на спомен собата ќе Ви посакам не само да уживате туку и да почнете да размислувате за реализација… на крајот доврши со неговото излагање м-р Гоце Стојановски раководителот на Државен Архив – Одделение Битола.

После неговиот говор на изложбата на Државен архив – Одделение Битола по повод 140 години од раѓањето на Милтон Манаки со ЗД визуелизација беше промовирано идејното решение за „Спомен соба на БРАЌА МАНАКИ во зградата на архивот во Битола“.