Бранислав Ангеловски: Екипата на Киелце е составена од голем број на индивидуалци, кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот. Посебна мотивација за Киелце не треба да имаме, бидејќи во Лигата на шампионите за нас секој натпревар мотивира. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. Самиот факт дека парираме во одреден дел од натпреварот за нас е успех. Ни фали нешто што со пари не можеме да го купиме, а тоа е времето. Сигурен сум дека овие натпревари ќе донесат искуство за моите ракометари и во понатамошниот дел на сезоната ќе играме на повисоко ниво и ќе ја радуваат нашата јавност и верните симпатизери.

На првиот натпревар во Битола се обидовме да се прилагодиме на нивната агресивна игра. Во првиот момент беа агресивни, посебно на позициите 2 и 5 и затоа инсистирав на игра „седум на шест“ за да ги спуштиме нивните халфови. Секој натпревар е нова приказна, ќе видиме како ќе отвориме и потоа како ќе играме.
Против ПИК Сегед не бев фокусиран на играта на сите противнички ракометари. Бев фокусиран на Мацковшек, на Мартинс, на Бомбач, на Бодо, но на крај играч кој е трет ешалон дојде да решава во игра „седум на шест“. Во овие европски гиганти на секоја позиција играат ракометари од светска класа. Очекувам дека Киелце ќе игра во најсилен состав, ќе играат и Алекс Душебаев и Сичко и ќе бидат најдобриот тим. Да не заборавиме дека на голот се враќа Волф.

Жарко Пешевски: Се подготвуваме напорно за Киелце, „ветер во грб“ ни е одличното второ полувреме кое против нив го одигравме во Битола. Пофалните зборови од Талант Душебаев ни даваат до знаење дека треба уште повеќе да „нагазиш“ и да се покажеш во уште подобро светло и на гостински терен. Доаѓањето на Филип Кузмановски ни даде елан за повеќе да веруваме. Македонските ракометари треба да преземат повеќе одговорност. Имаме Македонци кои знаат да играат во Лигата на шампионите и потпомогнати од интернационалните засилувања, време е да одиграме квалитетни шеесет минути и зошто да не се радуваше.

Киелце ќе излезе во поинаков состав во споредба со натпреварот во Битола. Тука не играа Алекс Душебаев и Сичко, верувам дека сега ќе играат. Спремаме агресивна одбрана за нив, а во напад треба да бидеме трпеливи и се надевам дека ќе бидеме изненадување. Играта „седум на шест“ секогаш ни е опција. Имаме позитива која нè краси во последниот еден месец и на добар пат сме за позитивни резултати.