На 18 февруари 1916 година, откако ја изгубиле котата 1212, која доминирала со регионот на Суводол, бугарската команда донела одлука да се повлече од Битола и војската да ги заземе позициите во околината на градот, особено на Пелистер. Експлозиите и огновите кои доаѓале вечерта на 18 и 19-ти од правец на Битола биле знак дека бугарските и германските војници ги уништуваат магацините и дека се повлекуваат. По неколкучасовно безвластие, следното утро околу 8 часот, француска коњичка единица влегла во градот. Од тој ден започнува голготата на битолските граѓани. Во бомбардирањето на градот, од страна на Централните сили, загинале повеќе од 4.000 цивили, претежно жени и деца. По војната, Битола како и Вердан, бил прогласен за град страдалник и одликуван со орденот Воен крст на Република Франција.

Француската војска и холандските лекари беа живи сведоци на страдањата и хоророт низ кој помина македонскиот народ за време на Првата светска војна, особено жителите на Битола. Тоа е нотирано во нивните извештаи до своите влади. Меѓутоа, овие извештаи не помогнаа ниту за време на Париската мировна конференција во 1919 година, кога беше санкционирана поделбата на Македонија извршена во Букурешт во 1913 година.

За време на Првата светска војна, Македонија била окупирана прво од Бугарија во 1915 година, а потоа во 1916 година ослободена од сојузничките сили (француски и српски единици). Втората бугарска армија влегла во Битола на 21 ноември 1915 година, а година дена потоа на 18 – ти го напуштила градот. Хоророт во Битола започнува по повлекувањето на бугарската армија во околината на градот од каде потоа нивната артилерија ја бомбардирала Битола.

Во овие бомбардирања кои траеа речиси секој ден од крајот на ноември 1916 година па до крајот на војната Битола бил бомбардиран со гранати со голем калибар кои предизвикувале голема материјална штета, како и со бомби со отровен гас. Во периодот од 20 ноември 1916 година до 31 декември 1917 година бројката достигнала над 13.000 гранти. Биле користени експлозивни, запаливи и гранати со боев отров.

Битола како втор град по големина во Македонија, после Солун, претрпел огромни човечки и материјални загуби. Според податоците објавени во книгата „Битола- најбалканскиот град во Првата светска војна“, во текот на Првата светска војна во Битола биле убиени 4224 цивили, претежно жени и деца. Имало 545 ранети, 647 згради и 216 куќи станале рушевини, 696 згради и 119 куќи биле оштетени, 845 запалени.

Во овој период, лекар од Холандија Хенри ван Дајк заедно со шест медицински сестри му помогал на цивилното население во Битола. Иако Холендија била неутрална земја во војната, холандската медицинска мисија била во Битола во периодот од крајот на 1916 до мај 1917, кога градот речиси континуирано бил бомбардиран. Најголемото зло биле бомбите со отровен гас, од кои во еден ден биле убиени над 300 жители на градот, а само неколкумина војници.

Во пролетта 1917 година започнува најтешкиот и најкрвавиот период за Битола во историјата. Во текот на истата година извршени се серија бомбардирања со бојни отрови и разурнувачки гранати при што се загинати и осакатени бројни битолчани, а градот е разурнат. Многумина Битолчани умираат во страшни маки од дејството на бојните отрови. На 7 март 1917 година за време на едно бомбардирање починала и хуманитарката Кетрин Харлеј од Велика Британија, која исто така го лекувала цивилното население. Била сестра на Џон Френч, командант на британските сили во Франција и Белгија за време на војната (вице крал на Индија).

По Првата светска војна населението на поранешниот конзулски град Битола било намалено. По Букурешт 1913 година, каде е поделена Македонија, Битола како пограничен град го изгубил значењето кое го имал пред Балканските и Првата светска војна. Опоравувањето на градот одело тешко. До ден денешен се чуствуваат последиците од Првата светска војна. Сеуште се наоѓаат гранати од Првата светска војна во Битола и околината.

На денешен ден во 1918 год е потпишан крајот на Првата светска војна,но и по сто години во Битола нема никакво обележје за цивилните жртви,за страдањата на битолчаните…

Битола стари фотографии