Градот Битола е расположен на источното подножје од планината Баба и нејзиниот врв Пелистер (2 600 м) и на двете страни од реката Драгор. Се наоѓа на 21° 18’ 20” до 21° 22′ 11″ источна географска должина и од 41° до 41° 03’ 20” северна географска ширина, на 580 до 660 м надморска висина. Драгор е лева притока на реката Црна. Долга е 25,123 км. Постанува од повеќе потоци, а главни се потоците откај: Српци, Магарево и од Пелистерските Очи (Мало и Големо Езеро на Пелистер). Влегува од западната страна во правец на исток и 4,5 км врви низ Битола, делејќи го градот на северен (помал) и јужен (поголем) дел, но двата дела се исповрзани со три-четиринаесет мостови (камени, железни и дрвени).

Кога се сака да се одреди точно некој мост, се кажува објектот близу кој се наоѓа тој. Име имаат
само четири моста и тоа: ,,Црн Мост”,,,Ленски Мост”, ,,Мостот на Мануш” (1) и ,,Мостот на Сали”.
Последниве два моста името го добиле по сопствениците на продавниците/дуќаните што се наоѓаа покрај нив. Мануш(2) беше Евреин, а Сали – -Турчин. ,,Црн Мост” прво бил дрвен, па реконструиран во сегашниот вид. На дрвениот ,,Црн Мост” османлиската власт бесела македонски борци за слобода.
Поради тоа и го добил името – ,,Црн Мост”. Всушност, Османлиите беселе македонски ,бунтовници”/борци за националната слобода и на другите дрвени мостови на Драгор, а кај мостот кај ,,Кантарот“ биле обесени Павле Илиев и Чако од ,,Генимале“ како припадници на ВМРО. Обесените на гредите од мостовите се држеле повеќе денови за да влеваат страв и покорност на народот.

Порано ленот и конопот биле многу застапени култури во земјоделското производство. За
продажба и купување на тие култури имало и посебен пазар. Тој се наоѓал кај ,,Ленски Мост”, односно до него, подолу. Бидејќи на тој пазарирал ленот и мостот кај него го добил своето име -,,Ленски Мост”.

Реката Драгор е важен поим за Битола. Токму затоа описот на Битола од периодот 1937-1945 година го почнувам по текот на Драгор и од него ,,патувајќи“ лево и десно по сокаците. Прв објект од десната страна на Драгор беа базените на ,,Црвен крст“. На нивното место во турскиот период имало кафеани. Малу погоре од нив беше Дулието. Дулие имаше и на другите главни приоди/влезови во Битола. Дулието беше капија („царинарница”) на која требаше да се плати такса за влез на секаква стока во градот што беше намената за продажба. Постоеше до 1939 година. Имаше негодување поради оваа давачка, па на парламентарните избори во 1938 година партиите и нивните кандидати ветуваа нејзино укинување. Навистина по изборите дулието се укина, но името ,,дулија“ и до денеска остана за пазаришната такса. Со цел да се одбегне давачката дулие, одевме по роднини и пријатели од соседните населби, со велосипеди, одевме по споредните патчиња за да ги пресретнеме подалеку од Дулието да им го земеме тоа што го носеа за продавање и да им го пренесеме непосредно до влезот во градот. А се одеше и да им се пренесе и на непознати за помала цена од Дулието. Тоа беше редовна практика, јавна тајна.

Под базените „Црвен крст“, до кај мостот, имаше куќи. Една од нив беше на Илија Србинов, која набрзо по Втората светска војна, како што се велеше меѓу битолчани, му беше одземена и му се дала за вила на Лазар Колишевски, па се именуваше со „Вилата на Колишевски“. Подолу од „вилата“ беше фабриката на Десановци, на чие место сега е самопослугата.
Десно од ,,Црн Мост” имаше една поголема зграда. Таа била беговска куќа во XIX век. Во кралска Југославија била преадаптирана за интернат со придружни објекти. За време на окупацијата бугарската власт ја претвори во затвор, која функција ја имаше и по 1944 година. Тука, во затворот, по 1944
година, се најдоа многу родољуби и други кои не ги прифаќаа или се спротивставуваа на некои народни мерки“, како: статусот на Македонија, колективизацијата, уништувањето на козите и сл. Таа зграда подоцна е урната, а на нејзиното место сега има спомен-обележја што потсетуваат на доживеаните непријатности во неа во периодот 1942-1944 година, а најдобар споменик за таа зграда и за жртвите во неа во тој период е книгата ,,Патот до Наш пат“
на Мишко Божиноски. Откај ,,Црн Мост” до мостот што води кон почетокот на плоштадот амбиентот е скоро идентичен, со таа разлика што на времето тука се наоѓаа многу кафеани, меѓу кои беа: ,,Голем Париз” и ,,Мал Париз”.

(продолжува)

Вангел Деребан Битола градот на мојата младост

(1) и (2) наша забелешка најверојатно се работи за Мушон, евреинот Мушон.