По раѓањето на Исус, Богородица живеела уште 48 години и тоа:

1. Во младоста со ЈОСИФ и синот ИСУС и
2. По распнување на крстот и воскрeсението на Исус со неговиот ученик и апостол ЈОВАН.

Евангелието според ЈОВАН
Имено, Исус на апостол ЈОВАН му даде задача тој да се грижи за неговата мајка. Тој настан е евидентиран во Светото писмо – БИБЛИЈАТА во Евангелието според ЈОВАН.

Поточно:
1. При Исусовиот крст стоеја мајка МУ и сестра му на Неговата мајка, Марија Клопина и Марија Магдалена. Евангелие според Јован 19/25.
2. Исус штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!“ Евангелие според Јован 19/26.
3. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе. Евангелие според Јован 19/27.
Апостол ЈОВАН чесно и совесно се грижеше за „Својата МАЈКА“ до крајот на нејзиниот земен живот.

За сето тоа време Пресвета Богородица била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.

ДВЕ НЕДЕЛЕН ПОСТ

Празникот УСПЕНИЕ на Пресвета Богородица се празнува на 28-ми август според новиот (односно на 15-ти август според стариот) календар. Православните верници во Македонија на овој празник му придаваат големо значење. По тој повод тие две недели го изложуваат своето тело на ПОСТ кој започнува на 14-ти август и завршува на 28-ми август.

ИКОНАТА

„Успението на Мајката Божја“ не е раскажана во Светото писмо. Овој настан е запазен во сеќавањето на ЦРКВАТА (Светото предание). Тој е насликан на иконата, а со зборови се раскажува на празникот и во Литургијата на црквата (започнува од 14-ти август – завршува на 28-ми август). Марија е легната на својот посмртен одар, СВЕТИОТ ДУХ ги собрал апостолите од сите краишта на земјата за да ја испратат Марија во „смртта“. Ја опкружуваат и првите ЕПИСКОПИ на ЦРКВАТА, АНГЕЛИТЕ се поклонуваат пред неа, жени доаѓаат да му одадат почит на нејзиното тело. Во средината, зад смртната постела, стои Исус во слава, држејќи во своите раце ДЕТЕ. Тоа е ДУШАТА на неговата мајка. На душата на МАРИЈА му се дава облик на новороденче во пелени, бидејќи таа се раѓа за небото. Таа го роди Синот Божји. Таа му го позајми своето човештво за да се роди на земјата. Таа го роди Исус кој стана нејзин син и го возвраќа своето боженство за да се роди на небото. Всушност, Богослужбата на Успение не учи дека Марија преминала од смрт кон живот, дека се насладува од ВЕЧНИОТ ЖИВОТ без да оди на суд. „Вистина, вистина ви велам, кој го слуша Моето слово и верува во Оној. Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот“. Евангелије според Јован 5, 24

Значење на зборот „УСПЕНИЕ“

Православната црква на 28-ми август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „УСПЕНИЕ“. Тој е поим кој во себе ги соединува: сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Низ цела Македонија верниците во манастирите или црквите што го носат името на Пресвета Богородица на празникот УСПЕНИЕ на Пресвета Богородица одржуваат масовни народни собири. Зборот УСПЕНИЕ значи ЗАСПИВАЊЕ односно поинаку кажано, не се слави смртта, туку ВОЗНЕСУВАЊЕТО на БОГОРОДИЦА во небесните живеалишта. Се слави нејзиното заспивање, бидејќи таа не помина низ смртта како враќање на правот во прашина (земја). Веднаш по нејзината смрт БОГОРОДИЦА е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.

ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА

Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овај е еден од најзначајните. Затоа народот овај празник го нарекува уште и ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА.

БИТОЛА – МАНАСТИР

Битола и нејзината околија е богата со цркви и манастири. Поради тој факт во СВЕТОТ е позната и по името МАНАСТИР. Некои од тие христијански верски објекти го носат името Света БОГОРОДИЦА. Сепак, посебен белег на градот му дава црквата која се наоѓа во централното градско подрачје, во непосредна близина на реката Драгор и основното училиште Св. „Кирил и Методиј“. Овој прекрасен црковен објект ИЗГРАДЕН е во далечната 1870 година, а ОСВЕТЕН во 1876 година.
На здравје ПРИЧЕСНАТА на БОЖЈИТЕ ЧЕДА.
За многу години празникот.
Честито име на: Марија, Мара, Марица, Марјан…

Стефан Чекутков