Генимаалци биле и се најпрепознатливи со своите прекари, индивидуално и семејно. Најнапред прекарите настапувале индивидуално, за по време да прејдат и семејно. Пример: Ѓорги Бајо Бајовци, Тоде Чамо Чамовци, Благој Девентантери Деветантериовци, Стојан Бонмајстор Бонмајсторовци и така натаму. Многу семејства си ги заменувале презимињата со прекарите за да бидат попознати.
1) Во моето маало мои комшии имаа петгодишно синче. Го одведоа на бербер да го истрижат со машинка Тројка. Штом јас го видов милозливото детенце истрижено, го погалив по главчето и со МОИ зборови го пофалив: „Уф, што убаво зелче! Арно ама околу нас имаше присутни неколку негови другарчиња. Тие чуја. Од тогаш почнаа да го викаат Благојче Зелчето. Со нарастувањето зборот зелче стана зелка. Благој и ден денес го викаат Благој Зелката. Не ми е благодарен за прекарот кој настана ненамерно. Сепак јас му бев нункото. Јас бев виновникот.
2) Илиев Мендо Креола имаше своја берберница погоре од Ленски Мост. Штом немаше муштерии за стрижење и бричење свиреше на гитара. Пееше разни песни. Најмногу ја пееше песната „Креола“. „Креола, ши си жена најбоља, тебе воли цео свет, а највише ја.“ Песната „Креола“ во тоа дамнешно време беше многу популарна исто како песната „Лили Марлен“. Во неговата берберница доаѓаа муштерии и другари ем да се потстрижат и избричат и да ја чујат песната „Креола“ . Арно ама по време почнаа да се договараат со зборовите: „Ајде да одиме кај Мендо Креола!“ И уште нешто: “Шо си бре како поп во косата непострижан? Ако те види Мендо Креола ќе те удри со гитарата по г’ла!“ Ете така! Не еден нунко туку имаше повеќе нунковци, ама непознати.
3) Дедо ми Ѓорѓија беше бајач. Како што минуваше времето луѓето што ги лечеше со баење почнаа да го викаат Ѓорги Бајо. Значи многу нунковци, непознати.
4) Караѓуле, Ѓорѓи Караѓуле, свиреше на армоника. Караѓуле не му беше презимето туку прекар. Тој заедно со татко му и Гоце Узуно свиреа и пееја на разни свечености и свадби. Покрај многуте песни што ги пееја, ја пееја и песната „Свири, свири, Караѓуле, да засвириш едно чамче, едно чамче Елбасанче” Кој е нункото? Песната „Караѓуле“, веројатно !
5) Димче Пајо-Жабаро, по својот занает беше бочвар. Жабаро му беше втор прекар. Бидејќи во неговото време жабите биле многу барани во повеќето европски држави. Димче безмилосно ги ловеше жабите во долниот тек и ги пакуваше во специјални пластични гајби за да стигнат живи до познати купувачи. Купувачите најбрзо и најлесно го најдувале по прекарот Жабар. На неговите комшии им било лесно да ги упатат купувачите на права адреса бидејќи деноноќно ги слушале како крекаат жабите. Кој е нункото!? Нунковци колку да посака човек!!!
Ете така: Има луѓе надарени како мене, ги бидува за нунковии. Понекогаш знаат да му насамарат на некого и грд прекар, а да останат непознати и подзатскриени.
6) Стојан Колевски, татко на Петар Колевски лекторот, го доби прекарот Бонмајстор за време на Првата светска војна. Во Генимаале тогаш престојувала една француска војна единица во Велигденското големо средсело. Стојан бил качен на чатија на својата куќа. Зидал нов оџак. Капетанот на воената единица го пофалил велејќи му: „Бон мајстор.” Капетанот бил нункото. Од тогаш, комшиите што слушнале почнале Стојан да го викаат Стојан Бонмајстор.
Ете така! Мене ми се пружи прилика во книгава да го спомнам заборавениот Петар Колевски. Петар Колевски како лектор многу придонесувал за чистиот македонски литературен јазик. Не заборавајте! Сторете нешто повеќе од заборавот!!!
Методија Христовски “Гинимале”
Оставете некоја пишана трага, макар и мала, ете тука. Погрижете се настаните, прекарите, убавите периоди од Битола да останат вечни и прераскажани како што е ова издание “Гинимале” на гинималецот Методија Христовски. Сето ова е препорачано од уште еден голем гинималец Димче Најдов на кој вечно ќе му бидиме благодарни.