Сите вие имате доживеано и знаете што е болка и тага после загубата на некоја блиска и драга особа ! Но болката и тагата по изгубеното чедо е неспоредлива со ниедна друга , ти отвара жива рана, те уништува, , ти го распарчува срцето на безброј мали парченца а секое боли како да е цело ! Не се доволни сите спомени за да ја пополнат празнината и пустошот во душата а времето со својата неумоливост и рамнодушност само ја засилува и ја продлабочува тагата и болката ! Во мигот кога го губиш своето чедо , некаде од длабочината на телото се издига еден нечовечки крик кој запира во грлото, ти ја поматува свеста, ти го запира срцето и дишењето , те замрзнува , те парализира и ништо повеќе не е важно, ти заминуваш заедно со него ,држејќи го во својата прегратка ! Овие мајки умираат два пати : еднаш со своето чедо и втор пат кога ќе му се придружат и конечно ќе го најдат својот спокој ! Стои во грлото крик сличен на животински рев и не смееш да го пуштиш да излезе надвор оти ти се чини дека ќе ги помести планините и континентите , ќе ги разбранува океаните , ќе го затемни сонцето, ќе ја угасне месечината, ќе го испреврти целиот универзум ! Тагата ти е постојан придружник а болката знае да биде неподнослива ! Ги обвиткуваш со љубов срцето и душата за помалку да болат и исто толку љубов им даруваш на тие што те сакаат и се грижат за тебе ! Твоите блиски сега стануваат потпора и ти даваат смисла за твоето понатамошно опстојување ! Ги туркаш деновите и внимаваш да не им ја наметнуваш својата несреќа на луѓето кои ти се блиски , роднини, пријатели , познати ! Кокан , Кокиче мое ти секогаш ќе бидеш моето сонце, љубов моја, благослов, мојот живот , душа од мојата душа ! Ти си моето питомо, умно, благородно и златно момче ! Моето момче со најпрекрасната насмевка , топлина во очите и љубов во срцето за секое живо суштество !

ТЕ САКАМ МАЈКИНА ПОВЕЌЕ ОД ЖИВОТОТ !

Анастасија Кокан Петровска