Љубица Мушуланова Ристевска и Елена Мушуланова се битолчанките кои се предводнички за украсувањето на престижниот хотел и ресторан Шумски Фенери, кој се наоѓа на почетокот од с. Трново на самиот пат за Пелистер, и тоа го прават заеднички со целата фамилија. Деновите тој е вистинска атракција за сите добронамерници кои сакаат да ја почувствуваат вистинската Новогодишна бајка, седнати покрај елка со камин, со безброј украси и лампиони, светулки и се разбира – најголемата и најубаво украсена елка на овие простори. Амбиентот е волшебен и затоа сакавме малку одблиску да Ви пренесеме и вас неколку детали заради што разговаравме со Љубица, еден од сопствениците на Шумски Фенери.
Здраво Љубица. Шумски Фенери се поим за Битола и битолчани кога станува збор за украсување и следење на трендови. Какво е чувството кога со сите нишани ќе украсиш еден голем објект и надвор и внатре, насекаде ?
Чувството е преубаво. Ама она што го знам е дека секоја година се бориме со времето побрзо да украсиме и да бидеме во препознатливиот сјај. Во секој случај во последните години направивме имиџ на место кое секогаш е украсено и во секое доба од годината има различна декорација. Пресреќни сме кога не стивнуваат убавите реакции. Оваа година временските услови не ни дозволија да ја завршиме големата елка за 3 дена, па не знам колку слики видовме со половично украсена елка. Важно сега е сѐ украсено и ние сме пресреќни.
Колку време одзема украсувањето на Шумски Фенери и дали имате помош?
Секоја година ни требаат отприлика 2 недели за украсување. Е сега ако во меѓувреме сме добиле нова идеа, за да се оствари треба време така да се доукрасуваме и после втората недела. Затоа секогаш почнуваме кон крајот на Ноември за да можеме сѐ да завршиме до 8 Декември.
Концептот за украсување дали е ист за секоја година или го менувате зависно од вашите финансии и расположение?
Во Новогодишното украсување вложуваме многу години и сето тоа кошта многу многу пари. Така да не можеме и да ја менуваме декорацијата секоја година. Но исто така секоја година се прават нови вложувања со што ја збогатуваме колекцијата. Гледаме да има нешто ново, нешто интересно, нешто убаво и поинакво од претходната година.
Дали едно украсување на голем хотел и ресторан чини многу средства ?
Да чини многу пари. Затоа и вложуваме полека, по малку секоја година. Идеи црпиме од сите Божиќни пазари што сме го посетиле во последните години и интернет. Но некогаш идеите се прескапи за нас, па затоа се обидуваме сами да си направиме. Лани се направија многу такви мали патокази, знаци, Снешко, дрвените елени итн.
Кој дел Ви преставува најголемо задоволство за украсување?
Елката во дворот ни е стара 3 години. Купена од Грција, висока е 5 м. Сакавме и повисока, но таа беше највисоката. Таа година и најмногу пари вложивме. Пред 4 години видовме преубава огромна елка во Берлин, можеби и најубата која некогаш сме ја виделе. Сакавме иста таква во дворот. Имаше шарени сјајни лампиони и ламбички кои прават преубав отсјај од лампионите. Огромна шарена преубава елка.
Елката во Берлин
Сега после 3 години можеме да се пофалиме дека успеавме да ја направиме најубавата елка во нашиот град. Има 1200 лампиони и 540 метри сијалички. Многу слична на таа преубава елка што ја видовме во Берлин. Најголемиот украс на целиот објект е нашата 5 метарска елка. Можеби и најголемата наша гордост. Многу е тешка за украсување ама сега веќе му го зедовме редот. Во Шумски Фенери украсуваме сами без никаква помош од надвор. И на тоа сме многу многу горди. А и сите работи кои ги гледате во Новогодишниот двор се направени од нас самите.
Шумски Фенери лани ова време го организираа Новогодишниот панаѓур кој со неговата разноликост, шарм и убавина не потсети на вистинските европски панаѓури кои ги гледаме на ТВ. Од каде ја добивте оваа идеја и навистина како успеавте да ја реализирате?
Уште една наша огромна гордост е Новогодишниот панаѓур во нашиот двор. Премногу ни е жал што оваа година нема да можеме да си го организираме. Лани панаѓурот траеше 2 дена.
Не знам колку луѓе не посетија, но знам дека буквално го блокиравме патот за Пелистер и благодарение на Полицијата немаше сообраќаен хаос. Сите автомобили се паркираа на паркингот од црквата. За еден панаѓур да биде успешен мора да имате максимално украсена средина. Ако тоа го немате, ја немате и магијата.
Најубавите пазари во Европа се оние кои се најубаво украсени и кои нудат најмногу. Оние каде правите најубави слики, каде имате најубава елка, и најубаво варено вино, колачиња и колбаси. Сакавме барем малку на Битола да му ја доловиме Европа.
И успеавме зошто за тоа се зборуваше цела година. И сите ни рекоа дека барем за момент се чувствуваа како да се на некој Европски Божиќен Панаѓур. Ете можело и тоа во Битола.
Не можиме никаква споредба да направиме помеѓу новогодишното украсување на ШФ и Битола. Ваше мислење, што му недостасува на нашиот град за да заличи на светски украсена метропола?
Градот многу години на назад не е убаво украсен за Нова Година. Премногу стерилна лед ладна светлина. И мора да се признае дека украсувањето кошта пари. Колку пари толку музика. Но убаво украсен град значи многу многу посетители. А со тоа Општината директно му помага на економскиот сектор на градот. Една година сигурно ќе мора да се зголеми тој буџет и да се изнајмат вистински професионалци да си ја сработат здраво работата. Луѓето сакаат градот да им изгледа убаво. Мора да се размислува и на тоа во блиска иднина. А идеи има многу насекаде на интернет. Треба само да се применат во реалност.
Дали некогаш доколку би добиле шанса би го украсувале и нашиот град?
Не знам дали би го украсиле градот. Но доколку некој побара од нас помош со цело срце и душа би помогнале во давање и реализирање на идеите. Тоа е многу макотрпен процес кој бара многу трпение, време и љубов. Ние се спремаме и купуваме цели 2 месеци пред да почне украсувањето на Шумски Фенери.
По неколку пати се оди Грција во потрага на нешто ново и убаво. А за да украсите еден град, и тоа да изгледа убаво, треба да се спремите од летото. Тогаш се прават и големите нарачки за сијалички, црева, украси. За пример ќе ви го дадам Трикала. Трикала се украсува и спрема од крајот на Септември. Цело население на Трикала е вклучено во тој процес. Но заработката на градот на крајот од сезоната е милионски суми евра од посетители. Во секој случај им стоиме на располагање на сите во Општината доколку побараат помош од нас. Ние ептен сакаме да си го видеме градот украсен и истиот да биде за пример.