Широк-сокак не е обична улица во Битола. Многу значајни историски настани од локално, национално, балканско, дури и од светско значење, поврзани со нашиот град, cе рефлектирале на неа. Co таквите свои одлики таа постои во нашата свест како место каде што одекнува ехото на историјата, како место каде што силно се чувствува духот на градот, како негов spiritus loci. Тоа не обврзува со посебно внимание и љубов да се однесуваме кон таа улица, да ја чуваме, нејзиниот дух да го одржуваме. Меѓутоа, досега не се покажало доволно разбирање за тоа, па често во неа се преземале крупни градежни зафати или се вршеле адаптации на нејзините објекти за потребите на трговијата, а во сообразност со еден вкус диктиран од потрошувачкиот менталитет.
Таквата практика, која трае со години, ја лиши Битола од многу нејзини културно-историски споменици и во многу ја одвои од нејзината богата историска традиција, наспроти други градови кај нас и во светот каде што традицијата повеќе се почитува и каде што значајните историски локалитети и објекти се конзервираат.
Проектот за уредување и осветлување на улица Маршал Тито, нe можам од стручен аспект да го судам за урбанистичките вредности на предложениот проект, не навлегувам и во неговата естетска стојност, но неговата несоооразеност со историската традиција поврзана со улицата Маршал Тито и со градот мислам дека е евидентна. Во таа смисла пред се не можам да ги прифатам лампионите кои со својата атрактивност и импозантност како и со својот сопствен блесок се закануваат да станат главни објекти на улицата, а нејзините историски објекти да ги фрли во сенка. Уште понеприфатливо е што не треба да бидат поставени низ средината на улицата на кој начин нејзината ширина се дели на две половини и така се стеснува, што е спротивно на поимот Широк Сокак врежан во историското помнење на секој битолчанец и македонец.
Нека се гради Битола, нека држи чекор со новото време, нов дух нека завладее со неа, но нека не ја прекинува врската со својата традиција, со своето тешко но славно минато, нека си остане Широк-сокак широк за да им биде широко на битолчани и во душите.
Владимир Костов Битолски Весник во 80-тите