Битолско минато
Со Пет(ар) во Пет(ок)
Петар Ставрев специјално за Бабам Битола
Многумина Битола ја вбројуваат во најопеаните градови. Голем број нејзини пејачи, групи и музичари засекогаш трасирале вредности што нема никогаш да се заборават. Караѓуле, Креола се вградиле во почетоците на македонската опера, Кирил Македонски, Михајло Николовски, Ѓорѓи Здравев се исто така дел од успесите во областа на класичната музика а пак Ајри Демировски и Јонче Христовски, Виолета Томовска, Добри Ставревски, Пепи Бафтировски, Валентин Соклевски, Петар Ѓоргиев-Калица, Кире Костов, дуетите Куцулова- Андреевски, Петар и Цвета Павловски се легендите на народната музика пак Сашка Петковска, Каролина Гочева, Славе Димитров, Благој Ангеловски, Влатко Костов, Сефедин Бајрамов, Билјана Дамјановска, Маргарита Христовска, групите Фонтана, Филиграни, Елита, Молика, Пелагониски Бисери, Гром, Чоканче, Паркети, Памперси, КУД “Стив Наумов” и “Илинден” се исто така од битолските музички вредности на кои може да се додадат и други пејачи и групи.
Но не издвојувајќи посебно некои од нив, овој пат сакаме да потцртаме дека и членовите на групата “Бт Топ” со своите вредности оставија антологиски снимки.
Нивните настапи пред љубителите на рок музиката, низ некогашните југословенски простори беа високо ценети, а освоените награди на фестивалите во Нови Сад, Суботица и други градови ги потврдуваа нивните квалитети.
Некои членови од овој некогаш многу забележителен состав не се живи, има дел што се во странство,
но целокупно земено групата “Бт Топ” беше вистински репрезент на рок музиката во првите почетоци на македонската и југословенската сцена.