Битолчанецот Николче Ѓеровски скокна од авион од 1.600 метри и развиори платно на кое пишуваше: “Данче, биди ми сопруга”….

Падобранецот Николче Ѓеровски од Битола скокна од авион од 1.600 метри висина и ја побара за жена неговата девојка Данче Дерковска, на аеромитингот кој викендов се одржуваше на Спортскиот аеродром Логоварди, Битолско. “Данче, биди ми сопруга”, пишуваше на платното кое Николче го развиори зад себе. Бројната публика, која претходно ги следеше летовите на воздухопловите, со аплаузи го поздрави потврдниот одговор на девојката, која возбудена не можеше да ги сопре солзите. Предлогот за брак ги изненади организаторите на митингот и членовите на Аероклубот “Мирко Тодоровски” кои не знаеле за намерите на нивниот колега….

ПОСЛЕ СЕДУМ ГОДИНИ…



1. Како е сега после седум години од вашето необично доживување?
– Секако дека чуството е убаво, и интересно е дека тоа чувство останува свежо, односно не бледее. Секогаш кога некој ќе спомне за тој ден, сеќавањата се како да се од ,,вчера”. Сите ги раскажуваме со ист жар… 

Инаку  тоа доживување  не беше само мое, секако дека многубројната  публика на тој ден виде нешто поразлично, нешто повеќе од едно клекнување на колена и ставање прстен на девојка.

2. Дали имаше некое необично чувство додека се спуштавте надолу?
Секој скок за  себе е посебен и единствен. Тој скок беше со посебна задача која беше завршена на најдобар можен начин. Тоа подразбира комплетно: од подготовка на земја, полетувањето со групата на падобранци, организација во воздухоплов, скок, па се до приземјувањето на земја пред толкав број на публика, која беше видно изненадена од мојот гест, а најмногу мојата денешна сопруга. Најмногу трема имав од екипата на ТВ Пинк, од емисијата ,,СВЕ ЗА ЉУБАВ” која на моја покана беше специјално дојдена за таа пригода.

3. Дали имаше реална шанса да се загуби прстенот додека се спуштавте, или Данче откако ја прочита пораката да си замини и да се премисли? 😊
Хаха, да, престенот беше во мене  и тој заедно со мене полета и скокна до земјата, меѓутоа бев толку внимателен околу него, што повеќе внимавав да не се отвори капачето од џебот, отколку да не не се отвори падобранот хахах…, а околу Данче бев 100% сигурен бидејќи нам ни претходеше повеќегодишна врска со искрена љубов, која еве до ден денес трае и трае… Резултат од таа љубов е нашиот син Михаил кој има 5 години и уште од сега покажува симпатии кон скокањето, меѓутоа времето ќе покаже.  Инаку ова прашање ми го поставиле и други, па јас во мој стил знам да одговорам: ,,Па од толку многу девојки на тој аеромитинг, ќе се најдеше некоја друга Данче што ќе пристапеше до мене и ќе кажеше ДА,,. Хахах.

4. Дали има услови да би го повториле сето тоа со некој друг битолчанец кој сака да ја запроси својата девојка во тандем?
Секако. Отворени сме за секој оној што ќе изјави желба на ваков или некој друг необичен начин би сакал да го направи тоа за својата љубов. Секако не мора тоа да е момчето. До сега се докажало дека девојките се похрабри и полесно се решаваат на чекор кој во себе содржи повеќе адреналин. Потребно е само да не контактира и понатаму заедно би го разработиле тој проект до детаљ.

5. Дали е поопасно падобранството или женачката?
Во една прилика изјавив дека духовната љубов према сопругата и љубовта према спортот – падобранство се моите најголеми љубови и јас со тој скок двете работи ги споив во едно. Така да опасноста ја занемарив од двете страни. Инаку падобранството е доста сигурен спорт особено во денешно време каде користиме опрема која поседува високо ниво на безбедност, така да за да се скокни потребно е да се преброди стравот од висина, а не и стравот од небезбедна опрема.

6. Ваш предлог за љубителите на падобранството и препорака за новите падобранци?
Секако дека падобранството не е секојдневен спорт како фудбал или ракомет, и не е достапен секому, меѓутоа, оној што сака да го искуси тоа чувство, секако дека треба да собере храброст за првиот скок. Се понатаму е полесно. Затоа ги повикувам сите авантуристи, сите оние кои сакаат да искусат нешто различно и несекојдневно, слободно да пристапат кон падобранство затоа што тоа е спорт кој понатаму  отвора нови погледи кон животот.

7. Контакт и дали имате школа за млади падобранци?
Секој оној што ќе изјави желба за скок со падобран или тандем скок со падобран, слободно може да ме контактира мене. Основна обука за падобранец-почетник ќе организираме во месец  Април 2018г.

На настанот оваа недела на 03.12.2017 Николче ќе ни биде гостин заедно со неговиот падобран. Повелете сите Аеро зависници….