Казак чешма, до скоро живееше поблиску до дамнешното минато време благодарение на големиот Риза, кој загледан в земи секојдневно ја правеше својата тура до паркот кај Саатот и повторно дома, во својот веќе разрушен дом.
Тука сме. Ене ја. Сега е некаква црква на Јехова, а само до скоро беше домот на големиот ага која замина напуштен и оставен од сите. Ви кажувам за неа директно од моите сеќавања – трошна куќа со одамна изгниен чардак и невешто направено скеле, за нешто како лозница пред неа. Лавеж на куче кога ќе ја отвориш портата. Стара, дрвена, гломазна, претправана и крпена безброј пати, со бакарна жица наместо резе. Влегуваш внатре во дворот и чекаш да се појави анумата, онака подбрадена со дотраена шарена шамија, подвиена со волнена скутина, потпрена на некакво изделкано дреново стапче. Глува е и непара и се гледа. Но, и неа ја нема. Детските сонови ни се чинеа стварни, а стравот од приказните на дедо добиваа реална вистина и слика кога ќе го видевме него. Не плашеа големите, но и без тоа страв ќе ни беше од појавата на тој човек кого го возеле во пајтон.
Шериф, кој последен си замина, му оставил аманет на мојот дедо да не заборави на големиот Риза, комшијата негов. Да не заборави на големината која некогаш ја имал, и името за кое со право свенал и го натиснала жал. Имот и сарај велелепен, пајтој, запрега, кочија и чеза. Наследството неброено, збирано низ векот, дочека тој, последниот, да згасне. А со него и името и векот .. .. ..
Драган Груевски