Имаше еден планинарски дом Копанки на една прекрасна планина Баба, која сите ја викаат Пелистер заради нејзиниот врв. Околу него дење вриеше како во кошница. Насекаде џагор, смеа, шега. Генерации од 7 до 77. Срцето полно и рамно ко ливада. Послани маси пред домот, расположени планинари со песна и гитара. Наоколу се ширеше опоен мирис на планинскиот чај со лимон.
Навечер небото послано со ѕвезди, седенки на друштва покрај домот Копанки, ѕвездите чиниш можеш да ги дофатиш. Од собите на домот се гледа придушено светло и планинарите уморни се спремаа да спијат.
Ова се спомените на генерации и генерации планинари и вљубеници во Пелистер Битолчани и прекрасни луѓе од цела Македонија.
Спроти домот стои споменикот на легендата на македонскиот алпинизам Димитар Илиевски Мурато и чиниш од очите солзи ќе почне да рони од сликата која ја гледа денес од спротива. Сега од домот Копанки има само руина настаната заради човечка негрижа.
Секогаш се прашувам што чурук народ ќе да бевме. Никој не презема ништо секогаш префрлајќи ја вината на друг. Цел ден слушаш политиканство, овие требаше оние требаше. Чунки ова не е ни твое ни мое, тоа е на сите и на тие пред нас и наш е и на тие после нас. Дајте градоначалници, министри, политичари, планинари, спортисти, обични луѓе, вљубеници во Пелистер, во Битола, смогнете сили и обновете го домот Копанки за да се врати сликата која ја опишав во првиот параграф на текстот за да може и нашите деца да раскажуваат за авантурите и прекрасните седенки и ѕвездени ноќи на КОПАНКИ на ПЕЛИСТЕР.
Пелистер и Копанки да не постоеја требаше да ги измислиме за доброто на тие пред нас, за наше добро и за доброто на тие кои доаѓаат после нас. ЕДЕН ГРАД, ЕДНА ПЛАНИНА, ЕДНА ЉУБОВ – ПЕЛИСТЕР.
Не ставајте лајк на текстот туку дополнете и шерувајте можеби ќе допре до некој.
Методија Атанасовски