ЗИМНИЦА – ПРВ ДЕЛ !

Сакав да ве прашам дали правите зимница, ама на време ми текна, како може да непраат кога сите во групава се домаќинки ,да сте ми живи и здрави.

Јас си почнувам уште во јуни кога ќе излезат јаготките. Во дворо имаме една летна кујна и шпоре на дрва од нашио Металец . Имам едно големо тенџере од чинго , го добивме како поклон на нашата свадба и во него ја правам целата зимница. Секогаш правам по четири тегли слатко, две за нас, една за Цонка мајка ми и една за мама , мојата свекрва.

Сега ми текна да ви кажам како се викаат мама и свекор ми .Мама е Доста, а свекор ми Трпе и баш му го погодиле името. Уште од почетокот ми беше чудно како на мама не успеале да и го скратат името, па сите во Боримечка ја викаат Трпеица .

Кога правам слатко од цреши, ставам ливчиња од Барбароза, за да мириса убаво или како што вели нункото од Буково: Снао, ова слатково многу убо мериса .Најубо ми е слатко од кајсии, ама паленото многу е гараметно за праење. Треба кајсиите да се излупат, да се извади коската и да се стават во варова вода. Една година ме ѕупна ѓаоло и во секоја кајсија место коска клавав по еден бадем .Еве ја мама по два дена: Пацо мори,тоа слаткото од кајсии што ми го даде, си заборавила да ги извадиш коските , забо си го скршив.

Наздравје Пацо си мислам, се отепа од работа, за кого ? Пред години ме фати два саато сабајле додека да го сварам слаткото од кајсии. Го покрив со една влажна крпа и си легнав. Станвам сабајлето, теглите спремни и што да видам, колона од мравки од чикмакот, преку целио двор, правец летната кујна и сите мравки удавени во слаткото. Болка ми беше за работата,се отепав од работа и на крај го фрлив целото слатко .

Како што ќе излезе некое овоштие, јас одма правам слатко. Од капинки, љубејнца,вишни, смокви, малинки и да не редам појќе,оти си знајте . Ме фаќа шубе, можда Мендо мој затоа доби шеќер во крвта, што ти требаше Пацо толку слатка да правиш .

Имате слушнато за речел ?

Немате, рецептот ми е од една комшивка , родум во Кавадарци, мажена во Битола. Се прави од грозје без семки, од црн патлиџан и тиква Балтабачка. Во оригинало пишува дека се прави со шира , ама јас го правам со шербет, Менде мој ништо живо не дава од ширата, ќе му се намалела ракијата и виното. Мармалад или џем правам од секое овоштије што постои. Кога ќе завршам со мармаладите , рацете и лицето ми се целите со меурчиња, прска тој мармаладо а мораш да стоиш над него и да го мешаш постојано. Го правам и оној еликсирот со ракија , со овошје и шеќер. Имам едно дрво орев во двор и додека се мали оревчињата ги редам во тегла, долевам ракија , се прави еден ликер за мерак. Уште да ги спомнам компотот и соковите и да завршиме со слаткиот дел од зимницата .

Кога ќе си ги наредам теглите во шпаизо , на секоја дата на производство (нема дата до кога траат), оти уште незавршена зимата , шпаизо ќе се испразни .

Како што реков ова е слаткиот дел од зимницата, оној другио со ајварите и пиперки на сто начини , во некоја друга прилика . Менде мој ужива кога ме гледа покрај шпорето, опашана со фута , зацрвенета во лицето, потои течат од сите страни, чади тоа шпорето а муви собрани од цела Битола си леткаат околу мене.Не дека е мој, но Менде мој знае да си ја среди живеачката. Ќе си запали цигарче,ќе си седне на едно столче, ќе му сварам кафе и ќе го остаам да ужива.Ми иде да му кажам , Госпо те сакал Мендо,штом ти дал жена како мене, убава, чесна и работлива . Редно беше и јас да си се пофалам .

Ајде чао, го научив од младите, ме бендиса и сега стално си го употребувам – ПАЦА