Минатата вечер, присутните во Центарот на култура во Битола имаа шанса да патуваат назад во времето. MTV 80s & 90s: The Greatest Hits не беше само концерт, туку времеплов кој нè одведе назад во времето и ги оживеа златните моменти на 80-тите и 90-тите години.

Сите се сеќаваме на деновите кога MTV беше прозорец кон еден нов, и бескраен свет на музика и емоции. Во тие времиња, секој акорд, секој стих носеше во себе честичка од младоста и енергијата која ги одбележа тие децении.

Настанот од минатата вечер ќе остане запаметен како настан за кој влезниците се продадоа во рекордни 3 часа,, каде Камерниот Оркестар на Битола IWConnect се претстави во своето најдобро светло, носејќи не на музичко патување низ декадите исполнети со неповторливи хитови. Салата на Центар за култура Битола, зрачеше од енергијата на многубројната публика која со нетрпение очекуваше повторно да ја доживее магијата на 80-тите и 90-тите.

Ова патување низ времето траеше два часа, а низ звуците на Камерен Оркестар на Битола IWConnect предводен од диригентот маестро Владимир Димовски и изведувачите Love Itoya, Агни Авшар, Ирена Димовска – Памперс, Ана Петановска, Александра Трајческа, Рената Кралевска, Кики Плиш, Марија Цветановска, поп рок хор Битвокс, како и балетските играчи при Национална опера и балет, се потсетивме дека музиката е вечна, а добрите песни никогаш не стареат. Од првиот такт до последниот аплауз, атмосферата беше магична и исполнета со емоции, носталгија, и пеење во еден глас.

За овој настан се бараше карта повеќе, што потврдува дека духот на 80-тите и 90-тите сè уште живее во срцата на многумина. Секој присутен можеше да почувствува дека е дел од нешто посебно, дел од вечер која ги преплете најубавите стихови во една незаборавна симфонија.

MTV 80s & 90s: The Greatest Hits ќе остане запишан како концерт кој ја разбуди носталгијата и нè потсети на вистинската магија на музиката.

Поради големата заинтересираност за концертот, организаторите – Камерен Оркестар на Битола IWConnect најавуваат реприза на овој концерт во Битола во периодот што следи.

За повеќе информации за настаните на Камерен Оркестар на Битола IWConnect, како и за галерија од настанот следете го нивниот профил на социјалните мрежи Facebook и Instagram, или посетете ја нивната вебстрана www.chamberorchestrabitola.com

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски