Битолско минато
Со ПЕТ(АР) во ПЕТ(ОК)
       Петар Ставрев
Специјално за ,,Бабам Битола”

    Од некогашните шест кино сали каде што некогаш во Битола се прикажуваа играни и документарни филмови, се одржуваа концерти и разни културно-уметнички приредби, денес не функционира нити една. Дали веќе киното заминува во историјата или и натаму за љубителите на ,,седмата уметност” екранот ќе биде мамка за следење на кино претстави. За некогашното битолско минато со работата на кината Слободан Павловски (75) ни изнесе неколку свои сеќавања.-Некогаш филмови се прикажуваа во кината ,,Македонија” и ,,Tрудбеник”, потоа во 1960 г. се изгради киното ,,Партизан”, а филмови се прикажуваа во киното спроти Офицерскиот дом, Работничкиот универзитет и до неодамна во Центарот за култура. Во организацијата на Градски кина најпрвин раководеше Аки, потоа најдолго Миле Михајловски, а беа вработени продавачи на влезници, вратари, редари, службеници меѓу кои ги издвојувам Пиштоло, Мите, Нико, Танас, Иљо, Имер, Митат, Ицо, Јован Боцевски, Борче Илиевски и др.

Јас занаетот го учев од повеќемина, започнувајќи да прожектирам филмови по завршување на Стопанското училиште – ВКВ електричар во 1961 г. Потоа заминав војска во Госпиќ, а по враќањето до 1994 г. за период од 45 г. прожектирав над 25 илјади филмови од сите жанрови. -ни рече Слободан кој денес користи инвалидска пензија.

    Тој ни кажа дека Градски кина прикажувале и филмови во задружните домови во селата Ниже Поле, Новаци, Кукуречани, Добрушево, Црнеец и др., а при една негова посета во селото Брусник ја запознал сопругата Вера со која во брак има син Милчо (сега во Австралија), ќерка Валентина (Ризова), пет внуци, два правнуци, а третиот е на пат.    Слободан ни кажува дека некогаш беа најмногу посетувани индијските и вестерн филмови, ни издвојува ,,тапкароши”, што препродаваа влезници и воопшто не потсетува на едно кино минато кое ќе биде незаборавно во спомените на граѓаните што имаа можност да гледаат филмови.

Се сеќава на најпосетените филмови, артисти, па дури и посетители, зашто бил еден од авторитетните вработени во битолските Градски кина.
   

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here