Во рамките на 11-то коло од Првата ЖФ Лига на Ќумурното игралиште во Битола се одигра градското дерби помеѓу екипите на ЖФК Атлетико од Битола и ЖФК Топ Гол од Битола, натпревар кој и покрај висок интензитет и борба на теренот помина во фер и коректна игра од двете страни.

Условно кажано домашната екипа на ЖФК Атлетико дојде до супер важна победа од 3:1, на полувреме 1:0, и се избори за нови три бода на табелата. Водството го отвори Тиана Вучева со гол во 19 минута по асистенција на старо-новиот играч Евгенија Таповска и со овој резултат од минимални 1:0 се замина на полувреме. Домаќинот со неговата игра покажа дека повеќе ја посакува победата со неколкуте стопостотни шанси кои ги имаа во првото полувреме.

Тиана Вучева ЖФК АТЛЕТИКО

Во вториот дел за само четири минути се чини дека беше решен победникот кога Јована Павловска од ЖФК Атлетико во 57 минута го имаше потегот на натпреварот и на атрактивен начин ја издрибла цела гостинска екипа од нејзиниот шеснаесетник и преку цел терен ги помина сите гостински играчи, за на крај да реализира на маестрален начин и топката ја заби за 2:0.

Јована Павловска ЖФК АТЛЕТИКО

Тројното водство дојде во 61 минута кога Јована повторно зеде една топка од центарот на теренот, ги издрибла 5-6-те гостински играчи и излезе сама пред голот откаде несебично асистираше до Тамара Стерјовска за 3:0.

Тамара Стерјовска ЖФК АТЛЕТИКО

До крајот на натпреварот екипата на ЖФК Топ Гол се обидуваше да се врати во игра и нивниот труд се исплати само со постигнат еден почесен гол во 86-та минута преку Теодора Јанковска за конечни 3:1.

Во нашата екипа полека се враќаат играчи кои го носеле дресот на почетокот од постоењето на ЖФК АТЛЕТИКО. Тие наши два нови играчи на денешниот натпревар одиграа супер , Таповска со асистенција, а Стерјовска со гол помогнаа во оваа важна победа. Ние ја имаме најмладата екипа во цела лига и нашите шампионки, кадетките, веќе се стандарни во Сениорската екипа за што ни треба малце време за да го покажиме цел наш потенцијал. Досега многу пати сум спомнал дека оваа генерација за две години ќе стани Сениорски шампион. Никогаш не одвојувам играчи кои играле најдобро во натпреварите, бидејќи се потпирам на тимска игра, но денес сите една до една беа одлични и за одличната партија морам да ја потенцирам играта на Теона Вучева која на голот беше фантастична, па Мирвет Веселова на средина која ја имаше низ целиот терен и нашата (Kylian Mbappe) Јована Павловска која беше најдобар играч со една асистенција и со еден погодок. Запамтете ја оваа наша генерација на млади фудбалерки за кои допрва ќе се слуша… ни изјави тренерот на ЖФК Атлетико Никола Гелевски.