Самата местоположба на фурната Паско дозволувала струење на разни информации, не само поради централната позиција која ја заземала, туку и поради познанствата и комуникативноста кои ги имале
фамилијата Паскови. Пред почетокот на големата депортација на Евреите во Битола Александар дознал за планот на бугарските фашистички окупатори.

Со добиената информација веднаш
известува својот близок пријател Евреин, го замолува како знае и умее да се подготви заедно со неговото семејство и заеднички да изнајдат начин за навреме да бидат префрлени на страната кај партизаните, кои во тоа време биле лоцирани во подрачјето на Пелистер. Неговиот пријател никако не сакал да поверува во можноста дека Евреите ќе бидат депортирани и ја одбил помошта. Александар не се помирил со фактот дека неговиот пријател не сака да верува во информациите и дека не прифаќа да го напушти својот дом. Останува силно упорен во убедувањата и настојувањето тие да се засолнат кај партизаните. На крај, неговиот пријател делумно попушта, прифаќа единствено неговиот син Мушон да биде испратен. Сокриен во запрежна кола, полна со дрва, успеваат да го префрлат во шума.

Кратко време потоа, травичните навестувања стануваат реалност и се случува најстрашната депортација на голем број луѓе која ја памети градот. Евреите од Битола се носат во логорот Треблинка. Однесена беше и целата еврејска фамилија на која Александар упорно настојувал да им помогне.

Единствениот преживеан од оваа фамилија е синот Мушон, кој по завршувањето на војната, се преселил во Израел. На секое доаѓање во Битола, не заборавил да ја посети фамилијата Паскови, на кои им бил вечно благодарен.

Извадок од книгата „Приказните на Широк Сокак“ на Зоран Ѓоргиев