Битола сеуште не го нашла богатството на браќата Пиника

Дури и адвокати прашувале за богатството што на Битола и го оставиле Јован и Теохар Димитриу во грчките банки, но не успеале да дознаат ништо, вели Стерјовски.

Се уште без успех е потрагата на битолскиот хроничар, професорот Александар Стерјовски, на Битола да и го врати богатството за кое се верува дека и го заветиле браќата Пиника. Годинава се навршуваат 121 години откако тие во Националната банка во Грција за Битола оставиле 10 000 златни фунти. Според тестаментот што го оставиле,   побарале главнината да остане во банката, но каматата да се употребува за Битола за добротворни цели. Се раскажува дека пари стигнувале до 1926 година, а од тогаш до денес цели 90 години градот на конузлите не добил ни банка од наследството.

    -Побарав помош од двајца адвокати, едниот од Овчарани (Мелити) во Грција и од наш битолски адвокат кој има врски во Грција. Но, обидите завршија без успех. Во грчките банки им било кажано дека не им се познати такви документи. Во Битола пак со години се раскажува дека пари стигнувале, со нив се обновил на црква, го изградиле стариот објект на библиотеката, секоја година подготвувале по пет сиромшни девојки за мажење –раскажува Стерјовски.

    Пред повеќе години ја имаше објавено животната приказна на браќата Јован и Теохар Димитриу, познати како Пиника. Се верува дека живееле во беда во втората половина на 19 век во некоја собичка на денешната улица Нико Фундали во Битола. Одлучиле за заминат на печелба за да се спасат од сиромаштијата. Но, немале пари да го платата патот, па извршиле кражба во  црквата Свети Димитрија.

    Според раскажувањата на битолскиот хроничар Стерјовски, браќата зеле сребрен потир односно обредна чаша за причест со ветување дека ако спечалат пари стократно тоа ќе го вратат.Заминале за Египет, живееле во Александрија, се занимавале со производство и трговија на  памук и се збогатиле. Но, двајцата битолчани не добиле потомство. Јован  немал деца, а другиот посвоил девојче на кое и дал име Елени.

На крајот од животот Јован оставил тестаментот со кој богатството го распределиле на повеќе субјекти, а се сетиле и на својот роден крај, Битола.  

-Имено  Јован во 1896 година оставил во Националната банка во Грција за Битола 10 илјади златни фунти. Пари во Битола од банката во Атина доаѓале до 1926 година. Потоа градот територијлно се поширил и единицата зафајќала поголем простор, па нашле рачка дека тестаментот не одговара на фактичката состојба и прекинале доставките- вели професорот Стеријовски.

Тој се прашува каде завршиле парите што браќата ги депонирале во банката, како и камати на камаити кои доколку никој не ги подигал во изминатите девет децении станале вистинско богатство.

За богатството на браќата Пиника пишувал и Андонис М. Колцидас автор на книгата „Историја на Монастири, Пелагонија и околината“, објавена 2003 година.  Во неа постои податок дека според сметсководствените записи од 1893 година богатството на Јован Димитриу изнесувало 7. 665.796 египетски пари. Со тестаментот најголем дел од богатството наследила вдовицата на неговиот покоен брат Теохар, на која и оставил обработливо земјиште, земјоделски машини, стока,магацини, куќа во Александарија, како и дел од парите во Отоман и Египетската банка. За жал, се изгубила трагата од снаат на Јован и внуката, па засега никој во Битола не знае дали семејството Пиника има некаде потомци.


Жанета Здравковска