Ракометната федерација на Македонија (РФМ) назначи спортски директор пред настапот на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2020 година и на местото на Милчо Чакарески доаѓа Димитар Митревски.
Се работи за ракометен судија повеќе од 20 години, како на домашни така и во натпреварувањата на ЕХФ. Довербата ја дадоа сите, а тој доаѓа по предлог на Живко Мукаетов, првиот човек на РФМ.
„Би сакал да му се заблагодарам на Милчо Чакарески, со кого имавме добра соработка. Но, сега е време за нови активности и предизвици, па така јас како претседател предложувам репрезентацијата да има спортски директор, врзан за ЕП 2020. Предлог за тоа е Димитар Митревски, ракометен судија повеќе од 20 години, човек кој е присутен на сите активности кога се работи за ракометот. Сметам дека тој е добро решение за ова“, потенцира Мукаетов.
Македонија на ЕП 2020 ќе игра во јануари, во група во Виена. Новиот спортски директор ќе има мандат врзан токму со големиот европски ракометен собир.
Извор Гол.мк