Во неделата кога светот ги слави архивите и архивските работници продолжуваме со серијалот објави посветени на големиот јубилеј на битолскиот архив – 70 годишнината од основањето.

Настанот кој го одбележа овој многу значаен јубилеј за архивските работници, беше повеќеслоен. Беше организиран и како настан со кој се прославуваат седумте децении плодна работа, но и како настан на кој беше промовирано монографското издание „Битолски архивски хронотоп – 70 години од основањето на битолскиот архив“.

За значењето на битолскиот архив и генерациите архивски работници, раководителот на битолскиот архив Гоце Стојановски меѓу другото истакна

„Во текот на овие седумдесет години, нашиот Архив ја надмина својата првична улога на обичен склад на документи за да стане светилник што ја осветлува богатата таписерија на историјата на нашата заедница. Преку посветените напори на неговиот персонал изминативе децении, со секоја страница зачувана во неговите ѕидови и со секој збор внимателно испишан, нашиот колективен наратив оживува. Денес, не само што му оддаваме почит на нашето минато туку и ја потврдуваме нашата цврста посветеност во обликувањето на иднината. Денешниов настан служи како доказ за нашата продлабочена почит кон минатото и нашата непопустлива желба да исцртаме нови хоризонти.“

💬 За монографијата „Битолски архивски хронотоп – 70 години од основањето на битолскиот архив“ рецензетот д-р Јасмина Дамјановска. Таа меѓу другото истакна:

„Монографијата дава увид во развојот на самиот архив, во развојот на стручната дејност, научноистражувачката дејност, комеморативанта функција на архивот, заштитата на архивскиот материјал, библиографскиот омаж на архивските работници, регистарот на фондови и сл. Архивската дејност моите колеги ја почнаа активно, со голем полет, ентузијазам, перспективност, репрезентативност, но исто така и ја продолжија со тој континуитет. Има што да понуди, има што да заштити, има со кого тоа да го постигне.“

Фотографии: Петар Ставрев; Катерина Груевски