Битолско минато
СО ПЕТ(АР) ВО ПЕТ(ОК)
Петар Ставрев
Специјално за ,,Бабам Битола”
Некаде во 1960 г. со постојана двократна програма започна со работа Радио Битола. Со ангажирање на новинарски, технички и административен кадар, беа примени неколку лица кои имаа афинитети и способности за тоа. Кадрите набргу се менуваа, а меѓу првите се регистрирани и спикерите Јован Бејковски и Смилјана (Милка) Здравковска (Гемту).
Јован Бејко беше познат и по учеството во првата театарска претстава ,,Ѓоре Магаревски” од Владо Малевски во режија на Димче Стефановски, одиграна веднаш по ослободувањето на градот.
Неговиот син Лазар деновиве ни раскажа дека Бејко – како што го викаа сите, бил роден во 1924 г. во ,,Јени маале” во Битола од татко Лазар и мајка Донка.
Во бракот со сопругата Софија ја добија и ќерката Дијана. Бејко заврши Гимназија ,,Ј.Б.Тито”, бил учесник во НОБ, извесно време работел во фабриката за фрижидери, се запишал да студира Шумарски факултет во Земун, но не го завршил, но затоа стана омилен меѓу тогашните многубројни слушатели на Радио Битола се до 1968 г. Почина во 1988г.
Смилјана – позната како Милка Здравкова, а омажена за Ѓорѓи (Беби) Гемту заедно со сестрата Снежана беа ќерки на Томе и Кармен од Битола. Имаа и брат Владимир, а Милка во бракот со Беби го имаше синот Стерју Гемту, кој покрај другото извесен период беше и претседател на Ф.К. ,,Пелистер”.
Подоцна во Радио Битола се до неговото престанување со работа во 2009г. се сменија неколку други спикери и спикерки кои со љубов и квалитет ја извршуваа својата должност.