Многу љубители на планините ја користат приликата да престојуваат на Пелистер без разлика на годишните прилики. Меѓутоа вљубеноста на Пеце Илиевски – Шапкаро (80), Пелистер никогаш не престана да го сака и посетува и покрај тоа што од 1970 г. живее во Америка.
Тој уште како млад започна да се скија, да ги посетува сите природни убавини на оваа планина. Како вработен сервисер во фабриката за фрижидери, престојувајќи во многу места на поранешна Југославија, се искачуваше и на други планини, а кога фамилијарно во 1970г. се пресели да живее во Америка и таму обиколи повеќе национални паркови и природни убавини, но копнежот кон Пелистер не го напушти.
Од 1975г. до 2003г. на секои 2 години Илиевски доаѓаше во родната Битола, а од тогаш тој секоја година речиси по 4-5 месеци престојува во родниот град од каде секоја прилика ја користи да се искачува и да го посетува Пелистер.
-Во Америка со сопругата и синовите најчесто се искачувавме на Бристол, планината до Рочестер каде што живееме, но мене душата ми е во Пелистер. Сум бил и на многу други планини, но секогаш ги сонувам моликовите стебла, пределите на планината, езерата и другите места – вели Шапкаро, како што го викаат битолчани по прекарот на неговиот татко Илија Илиевски – Шапкаро.
Тој на многу битолски планинари им донира планинарска опрема, учествува во разни хуманитарни акции, а за реновирање на изгорениот дом ,,Копанки” не само што одвои свои средства, туку и од нашинците во Америка собра средства за Домот што побргу да биде изграден.
-Моето внуче Рори има 5г., но се надевам дека со првата можност ќе се обидам да го искачам на Пелистер, за да може и тоа да се вљуби во него и да ја продолжи традицијата од Америка да доаѓа за посета на убавините на Пелистер.
Петар Ставрев