ЖАМИЛА КОЛОНОМОС – ЦВЕТА

На 18.06.2013 година во Скопје почина Жамила Колономос- Цвета, учесник во НОАВМ и носител на партизанска споменица 1941 година.

Родена на 19 јуни 1922 година во Битола, во еврејско семејство од татко Исак и мајка Естерина. Татко и’ бил чиновник во француско-југословенската банка во Битола.Завршила француско училиште во Битола. Германската, а малку подоцна и бугарскита фашистичка окупација, целосно го изменила животот на нејзиното, како и на многу други еврејски семејства. Забраната за работа воведена од окупаторот, која важела за сите евреи и за нејзиниот татко исто така, ги натерала да го распродаваат својот намештај, повредни предмети и слично со цел да се прехранат. По наредба на бугарската полиција ја напуштиле куќата и се сместиле во сиромашното еврејско гето надевајќи се дека таквата состојба е само привремена. Надежта била залудна. Уште 1941 била член и истакнат организатор на еврејската младина. Во 1942 година станала член на КПЈ. Заради неизвесноста за судбината на евреите, таа на 9 март 1943 заедно со уште неколку девојки еврејки успеала да замине во илегала во дуќанот за тутун на Благој Силјановски, во непосредна близина на бугарскиот полициски участок. Таму го поминала 11 март, денот на депортацијата. Во април 1943 заедно со Естреја Овадија, Роза Камхи, Адела Фараџи и Естела Леви, благодарејќи на добро воспоставената врска, се приклучила на ПО „Дамјан Груев“, во кој веќе биле неколку евреи од Битола. Со партизанскиот одред учествувала во помали диверзантски акции, како и на митинзи и агитации, со кои на локалното население му се објаснувале целите на партизанската борба. Потоа преку Преспа со одредот се префрлиле во Дебарца, каде на 18.август 1943 на Славеј Планина се формирал баталјонот „Мирче Ацев“. Жамила била назначена за заменик политички комесар на третата чета. Со формирањето на Првата македонска народноослободителна ударна бригада на ден 8 јуни 1944 година таа била назначена за заменик политички комесар на бригадата. Со ова бригада учествувала во борбите со германските сили во Малесија, во Дебарско и Гостиварско, а по влегувањето на бригадата во 48-та дивизија учествувала во ослободувањето на Прилеп, Охрид, Гостивар, Кичево и други градови, се до конечната победа над фашизмот.
По ослободувањето завршила Филозофски факултет – отсек француски јазик, на кој од 1962 била професор. Паралелно била политички активна. Била автор на многу дела за македонските евреи, нивната историја, живот и учество во НОАВМ.

БЕНО РУСО – КОКИ

На 18.06.2006 година во Скопје почина Бено Русо – Коки, учесник во НОАВМ и носител на партизанска споменица 1941 година.

Роден е на 20 јануари 1920 во еврејското семејство на Исак Русо и Вида Леви. Тој и неговиот брат Алберт Русо- Коте биле учесници во НОАВМ. Завршил основно образование во Битола и се запишал во гимназија. Уште како млад започнал да работи во пушкарско-механичарската работилница на Марко Ласиќ во Битола, бидејќи многу го интересирал пушкарско-механичарскиот занает, Пралелно се вклучил во левичарското еврејско здружение – Хашомер хацаир, кое било негово дополнително училиште. Неколкупати се обидел да се запише на Воздухопловната академија во Нови Сад, подоцна на подофицерското хидро-авијатичарско училиште во Сплит, како и на морнаричкото подофицерско училиште во Шибеник, но не успел заради проблеми со видот. Во 1939 година заминал на отслужување на воениот рок во Нови Сад. Капитулацијата на Југославија го затекнала во Сараево, по што се вратил во Битола. По окупацијата на Македонија, се вклучил најпрво во СКОЈ, а подоцна во КПЈ, кога го добил конспиративното име Коки. Бил дел од илегалната келија од седум членови. Активно учествувал во собирање на оружје, парична и друга помош за претстојната борба против окупаторот. Бил избран за секретар на месниот комитет на МК за Битола. Во мај и јуни 1942 година бил два пати апсен од бугарската фашистичка полиција, но бил ослободен зради недостаток на докази. Во септември 1942 година заедно неговите другари Нисим Алба- Мики и Мордо Тодолано – Спиро, Арон Ароести, се приклучил ПО „Јане Сандански“, во кој бил назначен за заменик политички комесар. Учествувал во акциите на одредот, од која позначајна е нападот на железничката станица во с. Беранци. Во март 1943, овај одред се приклучил кон ПО „Даме Груев“, кој бил основа за формирање баталјонот „Мирче Ацев“ на Славеј Планина на 18 јули 1943 год. Тој бил поставен за политички комесар на првата чета. По заминувањето на баталјонот во Егејска Македонија, на 20 декември 1943 година се формирала Втората македонска ударна бригада во кој бил назаначен за старешина на прилепскиот одред. Учествувал во февруарскиот поход во 1944 год. Во една акција кај с. Стрмашево на 12 јуни 1944 година бил полесно ранет. Од септември до ноември 1944 учествувал во борбите за ослободување на Прилеп, Кичево, Гостивар и Тетово. По формирањето на Петнаесеттиот корпус, бил поставен за политички комесар на корпусот и учествувал во во битките на сремскиот фронт се до конечното ослободување на Југославија. По војната завршил економско училиште, а потоа и виша воена академија. Се оженил со Роза Камхи, која била исто така учесник во НОАВМ. Бил офицер во ЈНА достигнувајќи највисок чин генерал-полковник. По пензионирањето бил активен во Сојузот на борците.

Сојуз на Борци