„Како музеј, не постоиме само за да чуваме историја. Постои и жива култура – онаа што се случува сега, со младите. За нас беше важно да отвориме простор каде тие ќе се почувствуваат видени и слушнати. Уметноста е јазик што не знае за бариери, а музејот е местото каде тој јазик може да оживее,“ вели Зоран Николовски, директор на НУ „Завод и Музеј” – Битола кој ja иницираше средбата.
Музејот како прибежиште: нова иницијатива што ги спојува уметноста и емотивната писменост
Во просториите на НУ „Завод и Музеј“ – Битола се реализираше уникатна иницијатива која ги обедини тишината, уметноста и младите гласови кои тешко наоѓаат начин да ја изразат својата внатрешност. Под водство на психологот Марина Кузмановска и во соработка со професори по ликовна, музичка уметност и книжевност од битолските средни училишта, музејот стана жив простор за креативна интроспекција и емотивно изразување.
Учениците добија можност да ги истражат своите чувства – особено тагата и несигурноста што ја носи актуелниот општествен момент – преку ликовен израз, разговор и тишина.
Иницијативата се роди како одговор на колективната емотивна состојба по серија тажни и потресни настани што ја погодија заедницата. Идејата беше да се создаде безбеден простор за младите, каде што емоциите ќе се валоризираат, а не ќе се игнорираат.
„Младите денес носат тежина што возрасните често не ја забележуваат. Тие се постојано изложени на притисоци, неизвесност, страв. Овие сесии не беа терапија во класична смисла, туку процес на емпатично присуство. Им понудивме простор да се изразат – не со зборови, туку со линии, бои и симболи,“ изјави психологот Марина Кузмановска.
Проектот наиде на исклучително позитивен одзив од страна на учениците и професорите, а тимот што стои зад иницијативата најавува и продолжување, со цел оваа пракса да се втемели како редовна едукативна и ментално-здравствена поддршка преку културни институции.
Во време кога зборовите понекогаш не се доволни, музејот стана прибежиште каде што тишината зборуваше најмногу.
Фото Ивона Кочов