Книгата „Битола низ стари разгледници“ Димче ја објави во 2014 година и во истата се сместени 668 разгледници од Битола од различни периоди. Набрзо Општина Битола ја препозна вредноста на ова дело и го награди Димче со 4-то ноемвриска награда во делот на културата. Беа отпечатени и околу 1000 примероци од книгата, кои брзо се потрошија, а некоја година подоцна Димче издаде и англиска верзија на книгата, која на сопствен трошок ја отпечати во 100 примероци.
Денес книгата е цитирана во голем број на дела од најразличен карактер, а јас лично постојано сретнувам по некој човек кој чул за книгата и сака да има примерок. Тоа беше првиот мотив за изработката на електронската верзија, а вториот и поважен спрема мене, е промена во начинот на кој денес пристапуваме кон помладите генерации, за кои е факт дека не читаат многу книги. Но можеби проблемот е до нас и не сме го пронашле вистинскиот пат до нив.
Тука се истражувачите за Битола, урбаните планери, историчари итн, за кои ова дело е од огромно значење.
Ова е тековен проект на кој моментално се работи и ќе се работи во иднина, па не заборавајте да го зачувате линкот (bookmark).
Сите добронамерни критики и предлози се добредојдени.
Јове Парговски