Битолско минато

СО ПЕТ(АР) ВО ПЕТ(ОК)
Петар Ставрев

Специјално за ,,Бабам Битола”

Многу општествено-политички, стопански и културни раководители во изминатиот повеќегодишен слободарски развој на Битола оставија свои траги, кои не може да се пренабрегнат. Еден од нив е и Ѓорѓи – Ѓоре Михајловски кој и покрај своите 88г. не се откажува од својата животна определба – љубов кон градот и науката.

Досега има издадено десетина книги, повеќе научни трудови и монографски публикации, главно од економските науки. Љубовта кон Битола ја манифестирал, не само како претседател на Извршниот совет на градот, член на Претседателството на СРМ, туку и како повеќегодишен општественик кој настојувал да го поттикне развојот на Битола во сите нејзини области. Заедно со група свои колеги бил во иницијаторите за изградба на РЕК ,,Битола”, ХМС ,,Стрежево”, формирање на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски”, изградбата на Клиничката болница како и други капитални објекти од сферата на стопанството, културата и спортот.

-Во сите овие активности јас не бев сам, туку еден од личностите кои како мене сакаа и настојуваа градот и неговите креативци и жители да не заостануваат од мерките што се преземаа во многу поразвиени земји и градови – истакнува скромно Ѓоре, како што го викаат битолчани.

Роден во Мало Црско во 1932г. по завршување на Економскиот факултет во Скопје, каде ги заврши магистратурата и докторатот, Ѓоре бил раководител во неколку стопански организации, професор и општественик кој оставил неизбришливи траги во иницијативите и изградбите за Битола да биде секогаш на пиедестал со кој граѓаните ќе се гордеат.

Таа своја љубов кон науката и Битола, не само што успеал да ја вгради и во членовите на своето семејство, туку и кај многу други негови колеги со кои соработувал. Тој и натаму е личност што дава пример за целосен и непресушен ангажман во дејностите што биле негова животна преокупација.

И покрај поодминатите години, тој е пример за многу млади личности, секогаш на преден план да ја имаат науката и развојот на својот град и земјата, почитувајќи ги основните правила за демократија, соработка и хуманост.