Денес во Битола се одржа едукативен настан посветен на безбедноста во сообраќајот, во организација на Мото Клуб Конзули, кој оваа година одбележува 14 години активно постоење.

Настанот беше реализиран во соработка со Министерството за внатрешни работи – СВР Битола, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП), Мото Асоцијацијата на Македонија (МАМ), автошкола Турбо Кар, како и Црвениот Крст – Битола.

Во текот на денот, присутните имаа можност да присуствуваат на:

– Едукативни предавања и совети од експерти за безбедност во сообраќајот
– Демонстрации за важноста на користење на заштитна опрема
– Презентација од страна на автошколата
– Презентација за укажување на прва помош при незгода
– Делење на едукативни материјали со практични совети за возење и безбедност

Целта на настанот беше да се подигне свеста кај младите возачи, возачите почетници, моторџиите и сите учесници во сообраќајот за важноста за одговорно и внимателно однесување на патиштата.

Организаторите истакнаа дека ова е само еден од многуте проекти на МК Конзули, кои освен што се посветени на мото културата, се активно вклучени во разни хуманитарни акции, крводарителски кампањи, како и волонтерска помош при елементарни непогоди.

Одличната посетеност и интересот на граѓаните потврдуваат дека ваквите настани се повеќе од потребни, а безбедноста во сообраќајот останува приоритет за сите нас.