На платото пред Офицерски дом, вечерва во 21.00ч ќе се започне второто издание на фестивалот ЕХ, ТАА СЕРЕНАДА

Штотуку заврши последната проба со Камерниот оркестар на Битола кој во живо ќе ги прати познатите македонски легенди и новите сили на македонската естрада кои беа селектирани на конкурс распишан за овој фестивал.

„Сите шеснаесет нумери се нови и авторски и тоа е значаен чекот во зачувувањето на традицијата на македонската музика, на серенадата и на традицијата која некогаш била присутна овде.
Ќе ви подариме една прекрасна вечер каде ќе го вратиме сјајот на најопејаниот град, Битола.“ – истакна директорот на КИЦ Благојче Божиновски.

Фестивалот има потенцијал да стане дел од концептот на градот Битола за интегрирање на културната и туристичката понуда.

Настанот ќе го снима националниот сервис МТВ, а ќе се емитува дополнително.

“Подготвени сме, вечерва под ѕвезденото небо на платото на Офицерски дом да направиме настан кој ќе се памети. И настан кој продуцира нова македонска музика, непроценливо богатство за овие и за некои идни генерации. Оттука мисијата на овој фестивал е повеќе од значајна” – истакна Миодраг Неќак музички соработник на фестивалот.

Влезот за сите посетители е бесплатен.

Љ. Ангелкова