Бегајќи пред инквизицијата од Шпанија и Португалија во 1492 година, над 90 000 Евреи доаѓаат на Балканот. Од нив 2000 во Македонија (се мисли на тогашна османлиска Турција заедно со Солун и другите градови во Егејска Македонија). Од нив околу 700-тини се населуваат во Битола. Евреите во Битола за време на турската управа започнале да живеат концентрирани во еден простор на градот кој се наоѓал на просторот зад денешниот здравствен дом, населбата Кортижо или Јеудихаана како што ја викаа турците.

Инаку во Битола функционирале две еврејски општини, каде два храма (синагоги) биле како поглавни и тоа Арагон (Ил Кал Арагон) и Португезис (Ил кал Португал). Изградбата на синагогите веројатно била некаде кон средината или крајот на 16 век, додека нивното доаѓање во Битола било во 15-ти век, забележано на портата на еврејските гробишта во Битола 1497 г. кои се моментално најстарите и најголеми на Балканот. (Eврејски извори…, том 1, Софија, 1958 год, стр. 507)

Изгледот на синагогата Португал после бомбардирањето во Првата светска војна

Во еден документ од околу 1580 год. се соопштува дека португалската заедница во Битола била помалубројна, па било решено за молитва да се собираат во синагогата Арагон, а пак португалската синагога да служи за параклис. Mеѓутоа, луѓето од португалската синагога се спротивставиле и рекле дека не биле исполнети нивните услови, имено дека дрводелците и работниците требале да работат еден ден во синагогата Арагон, а два дена во параклисот. Но, до денешниот ден не неправиле ништо во параклисот. И така тие поднесуваат барање за сопствена синагога по што следуваше одговор од рабинскиот суд кој гласеше: Eноријаните од португалската синагога им следува да имаат светов храм, затоа што има доволно луѓе за да имаат две синагоги. Така и дефинитивно се изгради втората по големина синагога во Битола. Локацијата на синагогата Арагон била на местото од сегашниот дом за народно здравје др.Хаим Абраванел познат помеѓу битолчани како Уредот. Во план од 1930те точно е наведена локацијата на синагогата Португал (Стара синагога) која беше срамнета со земја од бомбардирањата за време на Првата светска војна.

Поради големите средства за нејзина обнова и тешката материјална состајба на тогашната еврејска заедница таа не беше обновена и молитвите заедно со церемониите продолжуваат во синагогата Арагон.

Еден патник синагогата ја имал опишано како конструкција со три реда столбови кои ја потпираа зградата одвнатре и дванаесет величествени куполи на нејзиниот кров, што на зградата и даваше изглед на џамија или турски амам.

Моментално два од столбовите кои биле дел од оваа синагога се наоѓаат на влезот во градскиот парк на Битола, детскиот дел. Моменталниот нивни статус е незаштитен и не се дел заштитеното културно историско наследство на Битола и Македонија. Пред некоја година по налог на еден од локалните раководители на битолско јавно претпријатие тие се обоени со зелена боја иако на нив има табла со нивното значење и обележје.

Освен Арагон и Португал во Битола имаше уште една поголема синагога, Ла Хавра (Хевра Кадиша) или Аврата, сега нова реновирана зграда со адвокатски канцеларии. Постоеле и други шест помали синагоги како параклиси во домови на побогати Евреи меѓу кои една и во старото религиозно училиште за машки Талмуд Тора во населбата Табана.

Според сеќавањата од постарите битолчани овај објект бил еврејски дуќан, а во 60-тите беше кафана Космос и таму биле првите танчарки во градот. После кафаната објектот бил земјоделска аптека, па Јавор од средината на 80-тите. Екстра Гром од 1991-1995 октомври кога е рушен стариот дуќан и сега е хотел Гранд Централ.

Ова за прв пат во битолската и македонска литература е текст и сознание кое е поврзано со точната локација на оваа некогашна еврејска синагога.

Зоран Ѓоргиев

Дел фотографии од Сашо Првуловиќ

Користена литература: Жени Лебл Плима и слом, Ѓорги Д.Цолев Битолските Евреи, Шломо Албохер Евреите од Монастир, Македонија.