И по 15 години од смртта на Тоше, ликот и неговото дело се вечни. Сите нови генерации знаат за Тоше, ги знаат неговите песни, а за сето тоа се заслужни оние кои го почитуваат неговото дело и се трудат неговите песни да ги слушнат што повеќе луѓе. Едни од нив се и Камерниот Оркестар на Битола – ⋮IWConnect, кои покрај традиционалниот концерт „Засекогаш во срцата“ кој се одржува секоја година во чест на Тоше Проески, се обидуваат во секоја прилика да го слават неговиот лик и дело. „Засекогаш во срцата“ е концерт кој е организиран од Центар за Култура – Битола и по иницијатива на Маја Андоновска Илијевски, а е целосно поддржан од Камерен Оркестар на Битола – ⋮IWConnect.

Диригентот на Камерниот Оркестар на Битола, Владимир Димовски вели: „И покрај тоа што јас следам друг жанр на музика, Тоше за мене беше и ќе остани личност која беше врвно квалитетна не само како пејач туку и како личност, и постигна огромен успех, успех кој ретко кој би го постигнал за толку кратко време. Поради почитта која јас и моите колеги од Камерниот Оркестар ја имаме кон него, едногласно одлучивме да ја поддржиме иницијативата на Маја Андоновска Илијевски и да потпомогнеме неговиот лик и дело да продолжат да траат и во иднина.“

На 5 октомври оваа година во Крушево се случи концерт во чест на Тоше – „Со љубов за Тоше“, со кој се одбележа 15-годишнината од неговиот последен концерт. Концертот беше организиран од Спомен Куќа на Тоше Проески и Министерство за култура, а на него големиот број на пријатели на Тоше како Каролина Гочева, Јелена Томашевиќ, Дани Димитровска, Бојан Маровиќ, Ѓоко Таневски, Бени Шаќири, Мартинијан Кириловски, Билјана Јосифов, Омар Џафероски, Влатко Груевски и Јоце Панов настапија во придружба на бендот на Тоше и Камерниот Оркестар на Битола – ⋮IWConnect. Дел од членовите на Камерниот Оркестар кои беа присутни таа вечер споделија како е да се свири на концерти посветени за Тоше, а дел од нив го познавале Тоше и споделија искуства со него.

Валентин Наумов (концерт мајстор) и Никола Трајановски (виола) имале чест да бидат дел од концертот на Тоше во Риека и двајцата споделуваат исто искуство, односно генералните проби за Тоше биле како вистински концерт. Кога сите биле спремни за генерална проба, Тоше пристигнал директно од пат, испеал една песна со цела можна енергија како да пее пред полн стадион публика и заминал да одмори.

Покрај тоа, Валентин додава, енергијата на Тоше се чувствуваше уште при првото запознавање со него – досега немам сретнато човек со енергија како Тоше. За неговите гласовни способности не морам воопшто да кажувам, неговиот глас беше како виолина, со секоја проба и настап беше само подобар. Лично за мене, Тоше е на исто ниво со Freddie Mercury и Том Јоnes, со тоа што Тоше го држи првото место. Секогаш кога ќе излезеше на сцената, Тоше како да се претопуваше во истата, не чувствуваше дека пее пред публика. Многу често се прашував и самиот себеси дали Тоше е навистина човек. И 15 години по неговата смрт, неговата енергија сеуште ја чувствуваме на концертите, а моја омилена песна е Тајно Моја.

Никола Трајановски продолжува, Тоше го познавав лично, и иако не беше тоа долгогодишно познавање, сепак беше доволно за да го паметам како ретко воспитан дечко (со традиционални вредности), многу скромен и екстремно внимателен. Секогаш кога ќе се сретневме (не многу често), прашуваше и ги поздравуваше сите заеднички пријатели и познаници поединечно а посебно неговиот професор по соло пеење Пеце Митревски кој безмерно го почитуваше. Да се свират песните на Тоше е чест и предизвик, но сепак предизвикуваат измешани чувства. Од една страна тага по прерано згаснатиот живот, од друга страна силните емоции и неповторливиот печат кој Тоше го остави во изведбите на неговите песни… Едноставно човек не може да остане рамнодушен. Ме радува што Камерниот Оркестар на Битола во континуитет учествува во чувањето и негувањето на името на овој македонски великан.

Среќен сум што лично го познавав човекот кој остави незаменлива трага засекогаш во нас, и нашата култура. Бевме мали кога доаѓаше во интернет-кафето “Бизу” во Крушево, и не предизвикуваше во компјутерски игри. Прекрасна личност, неверојатно скромен хуманист пред се, и голем музичар кој замина рано, а нам ни остави да го чуваме и репродуцираме неговото дело. Да се свири неговата музика е секогаш интересно. Убав спој од мелодии и хармонски структури во кои секогаш ќе најдеш нешто кое го буди убавото во тебе. – изјави Коста Стевановски (контрабас).

Марија Арсиќ (придружен вокал) се сеќава на средношколските денови со Тоше и вели, На Хор седев пред Тоше секогаш, и секој ден беше истата приказна – Тоше ми дуваше во косата, ми ги земаше штипките, нотите ми ги криеше за да ги барам. Беше многу добар, но во исто време и сакаше да си игра и многу да се смее. Од големиот број на случки од тие средношколски денови кои Марија ги сподели, најголем впечаток и оставила моментот кога за првпат го видела и слушнала Тоше, …прв пат го видов Тоше во нижо музичко (основно). Чекав час за клавир во старото музичко училиште на долниот спрат и слушнав од другиот кат како Тоше пее, и слегува надолу. Помина покрај мене со пеење и јас несвесно тргнав по него…буквално како маѓепсана. Таква силна енергија зрачеше, што не можам да опишам. Тргнав со него, тој застана во дворот, застанав и јас, ме фати под рака и си продолжи да пее. Откако заврши со пеењето, продолжи со неговото детско гласно смеење, а јас во тој момент сфатив всушност што направив и засрамено се повлеков. Покрај оваа случка, се сеќавам и на една друга случка кога имавме корепетиција. Бевме тројца јас, Тоше и Билен (исто соло-пејач од класата, генерација на Тоше) и чекавме ред. Јас како помала чекав да поминат и ги слушав како пеат. Стоев до прозорец баш кога пееше Тоше и осетив вибрација и зуење на стаклото. Во секој момент очекував стаклото да се скрши. – изјави Марија.

Досега имам свирено на 5 концерти со Камерниот Оркестар на Битола за Тоше, вклучувајќи го и концертот на 5 октомври. Секој концерт е различен, а во исто време и ист. Самите песни од Тоше те прават да се чувствуваш посебно, а самото учество на тие концерти е прекрасно. Од големиот број на песни кои досега ги имаме свирено, најомилени за свирење ми се Цреша и Тајно Моја. – изјави Кристијан Магденовски (гитарист)

Привилегија е што имам можност да настапувам на концерти за Тоше и да ги свирам неговите песни, затоа што на тој начин публиката може да го почувствува неговиот дух. Верувам дека ваквиот вид на концерти се од особено значење особено за зачувувањето на неговиот лик и дело. Не постои збор со кој може да се опишат чувствата кои лично јас ги имам кога ги свирам неговите песни – чувствувам и среќа, но во ист момент и тага. – изјави Марија Јанчулеска (виолина).

За дечкото од Крушево слушав од мојата постара сестра која генерациски беше поблиску со Тоше во музичкото училиште. Секогаш раскажување дека на одморите се правеле журки и секогаш еден глас се издвојувал најмногу – гласот на Тоше, кој и ден денес остава силен впечаток на секој слушател. За жал јас немав можност да го познавам лично, но со слушањето на неговата музика, неговата емоција и интерпретација го чувствувам многу блиску до срцето. Чест и задоволство ми е што имам можност да учествувам на концерти кои се посветени баш за него и тоа со Камерниот Оркестар на Битола. Не постои песна од Тоше која не ми е омилена, и секогаш неговите песни ги исполнувам со радост и тага. Тоше беше роден за голем светска оперска сцена. – изјави Билјана Трајковска (придружен вокал)

Песните од Тоше секогаш се изведуваат со посебна емоција. Во изминатите години сум бил на околу 5 концерти посветени за Тоше и секој концерт буди големи емоции и длабоко сеќавање на неговите изведби, како и фактот што Тоше беше голем хуманитарец. Секој песна од Тоше сама по себе е хит и не можам да издвојам една песна како омилена. – изјави Игор Милевски (виолина)

Концертот на 5 октомври беше мојот прв концерт посветен за Тоше на кој јас сум свирела, додека пак првата песна од Тоше која ја имам свирено е По тебе. Додека ги свириш песните на Тоше те обземаат различни чувства, тажни и среќни, има некоја неопишлива енергија и мило ми е што можам да ја почуствувам и пренесам на публиката. Мислам дека не постои човек кој што и по првото слушање на песна од Тоше не се заљубил во неговиот глас, начинот на кој пее и емоциите кои ги пренесува. – изјави Милена Марковска (виолина).

Досега сум свирел на еден концерт со Камерниот Оркестар во чест на Тоше и тоа беше оваа година на 5 октомври. Да се свират песните од Тоше е голема чест, но има измешани емоции на задоволство и уживање во неговите песни, а воедно и огромна тага, затоа што повеќе никогаш нема да ги слушнеме во негова изведба. Иако е тешко да се издвои една песна од Тоше, затоа што сите негови песни се многу убави, би рекол дека “Синот божји” е моја омилена песна, – изјави Бојан Димитровски (синтисајзер)

Песните и музиката од Тоше предизвикува големи емоции секогаш кога се изведува во живо со бенд. Ми се случило додека свирам една негова песна многу да ми ги расцепка емоциите, а тоа е Полско Цвеќе, всушност таа е и песната која ми е најслушана. Студиската верзија на Полско Цвеќе е убава, но кога ја свириме во живо, во поголем состав, доживувањето е многу посилно. – изјави Филип Јездиќ (тапани)

Покрај главниот фокус на Камерниот Оркестар на Битола – ⋮IWConnect на класичната музика, многу често овој оркестар го гледаме како настапува на светски познати концерти и фестивали, а организираат и нивни концерти. Засекогаш во срцата е само дел од големиот број на концерти кои полека прераснаа во традиција и кои се посетени од многубројна публика. Во прилог фотографии од концертот во Крушево, како и фотографии од концертите Засекогаш во срцата.


Контакт
Андријана Димитриевска
[email protected]