БИТОЛА, ул.Рузвелтова бр.18 тел.075 22 47 22, Нов пазар 075 44 57 40

БИТОЛА е најубавиот град и тоа не само на Балканот, туку насекаде! Но ме боли што вие, заслепени од суетите и секојдневните обврски и грижи, не можете да го видите и почувствувате како што го гледам и чувствувам јас. Јас тоа го правам и со затворени очи“, после долги години поминати во странство рекол нашиот познат сограѓанин Ајри Демировски, битолчанец со најголема Б.

Од тука можи да го започнам она шо ми лежи на душа, а е поврзано со Битола, посебно со тоа што значи да си Битолчанка. Баш така се чуствувам и јас – секојдневните грижи и обврски не можат да ме натераат да не мислам и да не работам за мојата Битола.

Да се биде Битолчанка е нешто кое не може да го разбери некој кој не живеел во овој град. Не може да разбери дека посебно е пиењето кафе на Широк Сокак, јадењето вкусна Чкембе-чорба, посебно е играњето Бељот со другарите и неколку саатното „дотервање” на Битолчанки за удолу или низ чаршија…

Габриела Илиевска на една година

Во минатото битолчанките биле познати по „стросвањето” по нивната возвишеност, по најубавите фустани и грациозни накити. И како сѐ што се менува, мислам дека и тоа се менува низ годините. За мене, а и за многу други денес поимот Битолчанка има потешко значење. Денес да си битолчанка значи да не фрлаш ѓубре, да не ја валкаш Битола, да ги сакаш бездомните животни и да вдомуваш, да се грижиш за зелените површини и природата…
Да го сакаш градот исто како домот свој.

Габриела Илиевска, 3 години

Денес за мене Битолчанки се оние кои имаат став, оние кои ќе се спротивстават на уништувањето на Битола, оние битолчанки кои ќе им помогнат дури и на оние кои им згрешиле.
За мене денес се Битолчанки оние кои внимаваат каде паркираат, оние кои внимаваат на загадувањето, оние кои храбро ќе зборуваат за сите неправди во градот.

Битолчанки се оние жени кои имаат став…Габриела Илиевска

Ретки се таквите, ама ги има. За таквите поимот Битолчанка е нешто кое им иди од срце, без мачење и спремање. За мене Битолчанки се оние кои знаат како се живее и во Генимале и Довлеџик, на Бајро и во Касарната, на Широк Сокак и Недопирливи…
Оние кои исто се грижат за секое камче во градот.
Оние кои исто како што сакаат самите да се скоцкани и да греат, да се трудат така да е и местото каде живеат.

И, најточното нешто кажано во песна е тоа дека „за Солуна за Стамбола Битола не ја давам!

Моја најголема желба е промената која сакаме да ја видиме во градот да започни од Битолчанки, оти тие се движечката сила на градот, нејзиното срце и душа кој и не за џабе се вика Битола.

А јас ? Оние кои ме знаат, често ми велат дека не можам да го сменам светот. Мојот одговор е дека сакам да го сменам градот и се додека вервам во тој идеал нема да се откажам!
Како дете кое не уживало многу во гламурот на Битола, можам да кажам дека сум го поминала потешкиот пат. Можам да кажам дека сум ја видела другата страна на Битола, како е да живееш подалеку од цел тој гламур на градот. Како е да заработваш самостојно од својата 17-та година. Како е да останиш и да студираш во Битола и да го осетиш и тој дел од неа.
Сепак тоа можеби е и позитивно и големо животно искуство. Јас знам како е да живееш под кирија со многу семејства во Белата куќа, во стан кај Јавор, во делот на Старата болница и на Прилепска, некогаш на Бајро а сега во Областа.
И секако, бидејќи е Осмомартовски текст морам да кажам дека за мене не е 8 Март цвеќе и кафана. За мене е ден за борба за правда како и секој ден после него. Можеби самиот живот ме научил дека најважно е да не се откажиш од своите соништа, најважно е да имаш свој идеал и нешто за кое ќе се бориш.

За мене 8-ми Март е само потсетник зошто секој ден се борам на сите полиња.

За мене 8-ми Март е потсетник дека имам мајка-херој, која ме пораснала и изгледала сама, во едно време кога тоа било табу-тема.

За мене е потсетник дека храбрите жени растат храбри ќерки и дека поскапоцено од животот е само гордоста.

За мене 8-ми Март е потсетник дека и мојата ќерка мора да порасни во тој дух.

За мене е ден кога секоја жена треба да се потсети на сопствениот идеал.

Мојот е – борбата да го направам сопствениот град поубаво место за живеење.

„Соберете се и сакајте ја Битола, онака како што ја сакам јас“, рекол Ајри.

Да се собериме и да ја сакаме Битола како шо се сака Битолчанка, велам јас.

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ 8-МИ МАРТ