Битолчанецот Вања Георгиевски останува урбана легенда вредна за почит, која остави многу спомени вредни за паметење. Во контакт со неговите ќерки добивме дополнителни информации за него.

Роден во Битола на 16.04.1962 год. Основно училиште завршил во ОУ св.Кирил и Методиј, средното образование го завршува во Гимназијата Јосип Броз Тито и Економски Факултет во Скопје.
7-мото основно одделение го завршува во Австралија за време на неговиот престој таму, но Битола си е Битола и се враќа назад.

Неговото работно искуство го започнува во Агрохемизација Скопје ДОО Битола како референт, а подоцна станува раководител. Љубовта кон камерата ја имаше уште од студентските денови. Заедно со неговиот брат Љупчо беа првите сниматели со камера на веселби и спортски настани. Од него подолг временски период беа снимани дефилеата и Илинденските денови во Битола.

Потоа следуваше отварањето на познатиот бутик Америко, во близина на Поштата, кој заедно со неговиот брат го работеа долги години.

Вања беше верен и лојален навивач на Пелистер и еден од неговите основачи. На крајот на неговиот живот тој се наоѓа во ветераните на навивачката група Чкембари (со кои се посетени безброј натпревари во разни места и сите европски првенства).

Во неговиот живот тој работи за филмовите кои се снимаа на подрачјето на општина Битола и Македонија, на кои работел во секторот продукција и тоа:

Збогум Румелија
– Најтешкото нешто
-Freedom or die
-Сенки над балканот
-Црвениот поет
-Над хоризонтот
-Караула
-До Балчак
-Трето полувреме

и многу други за кои тој беше поврзаноста со градот. Поради неговото битолско потекло помеѓу филмаџиите беше познат како Вања Битолски.

Оженет со две деца. Ќерките му беа најголема гордост бидејќи се подразбира дека позади секој вистински татко стојат неверојатни ќерки.
Негова најголема радост во последните години му беа дружењата со неговите внучиња.

Освен островот Крф за него не постоеше друга летна дестинација. Таму тој стекна безброј пријатели кои со нетрпение го очекуваа секоја година.

Вања беше дружељубив битолчанец, љубител на големите пријателства и боемски дружења, секогаш расположен и желен да му помогне на секого.
Неговиот спомен вечно ќе остане за сите нас во Битола.