Планинарски дом Големо Езеро
Стариот дом на Големо Езеро беше изграден за време на СФРЈ во 1951/52 година на 2218 мнв. Имал прекрасен внатрешен дрвен ентериер изработен од рачна резба од љубителите на планината кои го посетувале.
Со пожарот во 1975 г. завршува неговата приказна и во негова близина во 1978/79 година беше изграден сегашниот планинарски дом со истото име Големо Езеро со капацитет од 50-тина легла.
Планинарски Дом Копанки
Планинарскиот дом Копанки е изграден далечната 1938 година,
реновиран помеѓу 1960-70 година од многу битолски планинари, но пред се од Планинарското друштво “Пелистер”. Се наоѓа на 1.600 м.н.в. на северната страна на планината Баба или популарно Пелистер (според врвот висок 2601 м.н.в.).
Пелистер е гордост, на сите вљубеници на планините, но битолчани го чуваат и негуваат со посебна љубов. Трасирани се многу планинарски патеки, направени се многу излетнички места, планинарски домови, чешми, клупи… За голема жал на Битолчани и сите планинари, домот изгоре во пожар во 2013 г.,
оттогаш, просторот е расчистен од посветените планинари, некои градежни зафати се делумно направени, но домот не е изграден, ниту обновен досега.
Планинарски дом Широка
Планинарскиот дом Широка е сместен на надморска висина од 1950 метри под самиот врв Пелистер. Познат е и како ловечка куќа, објектот беше единствено употребуван во летните периоди од страна на берачите на боровинки, кои го користеа како место за преспивање и складирање на собраните боровинки.
Како напуштена градба која беше создадена само од камења во 2016 година е започнат процесот на реновирање на објектот од страна на ПСК “Димитар Илиевски Мурато” и Ски клубот Pelister FreeRide, со цел на обезбедување на пристојни услови за престој на посетителите. Пожарот го проголта и него пред неколку дена на крајот од Ноември 2021 г., неофицијално е намерно подметнат со запалена автомобилска гума.
Пред некоја година херојството на група доброволци од Битола од голем пожар ја спасија и Баба Планина. Крајно време е грижата и безбедноста за планината да биде приоритет бр. 1 на самата установа Национален парк Пелистер како и да има одговорност за досегашните случувања.
Користени материјали од Национален Парк Пелистер, фотографии Битола стари фотографии, Сашо Ставрев.