Битолчанката Светлана Папачек со нејзиниот расказ „Ja vjeni dies“ што во превод значи „Идат денови“ ја доби втората награда од првиот конкурс за краток расказ „РАСКАЖУВАМ ФОТОГРАФИЈА“ на Фондот на Холокаустот инспириран од стари фотографии.
Знаете дека во Битола живееја многу Евреи кои ги снајде злото наречено холокауст. Останаа да се раскажуваат настаните поврзани со нив и нивните среќи и несреќи. Токму за една среќа – несреќа се раскажува во моето писание. Штотуку роден син на познат трговец е даден како аманет во христијанско семејство, како брат близнак со цел да биде спасен од сите голготи кои го задесија неговото семејство. И преживува како христијанин, со друго име, за да на крајот кога ќе наполни 18 години ја осознае вистината за неговото вистинско потекло… ни пренесе Светлана.
По повод 27.01.2021 година, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот ѝ честитаме за наградата и го објавуваме расказот.
Ja vjeni dies
10 Март 1943год. 16 часот и 45 минути Битола.
Пораката дојде од Софија. Гласеше: ,,Ексурзијата да се подготви ноќеска, во зори, со воз до Скопје”.
11 Март 1943 год. 5 минути по полноќ. Еврејското гето беше блокирано.
10 Март 1943 год. Утро. 8 часот и 20 минути. Во куќата на Закаи трговецот владееше збунетост, среќа, очекување на приновата која само што не пристигнала. Бехира, неговата сопруга на свет го носеше нивното трето дете. Во исто време во соседната куќа уште една невина душа брзаше да ја види светлината на денот. Првото дете на Јован и Донка.
Се родија скоро во исто време. Различни, но поврзани со нишки кои не можеше ништо да ги скине. Иако беа од различна вера судбината им беше запишана во ѕвездите.
Бидејќи Закаи беше почитувана личност во градот под Пелистер доцна попладнето истиот ден до неговите уши стаса веста која дојде од Софија. Тој знаеше уште од поодамна дека идат лоши и тешки денови за неговиот народ. И беше се подготвил. Се вредно што поседуваше неговото семејство беше го закопал на место кое што никој не би можел да го пронајде. А местото го знаеше само уште една личност во која што тој имаше целосна доверба. Некаде пред полноќ две силуети тивко, речиси нечујно се најдоа во задниот двор од куќата. Чекаа некого. На секој мал шум крвта им се замрзнуваше, забораваше да им тече низ вените. Низ малото дрвено вратниче кое беше единствен влез и излез во соседната куќа, исто така нечујно се мушнаа две силуети. Бехира во рацете го држеше своето штотуку родено чедо и тивко ронеше солзи кои се тркалаа по лицето на оваа очајна мајка која бараше спас за синот. Се приближи до жената и со тивок глас и рече.
Донке, сестро драга. Ти го оставам делот од мене, нека биде твој син. Му дадов име Гил. Тоа значи радост на хебрејски. Чувај го како твое дете. Нека ни донесе радост на сите. И го даде детето, го откорна од себе и го закопа во најдлабокиот дел од душата. И подаде и една поголема бовча. Скриј ги работите што се во бовчата. Кога ќе порасни ќе му ги дадиш. Ќе му кажуваш. Солзите не запираа. А како да запрат. Го напушта чедото. Месото што се откина од неа само пред неколку часа.
Чекај – да му го видам лиценцето уште еднаш. Душо моја, сакано мое – липајќи му зборуваше и го милуваше. Кажи му дека ги има моите очи, кажи му… кажи му дека многу го сакавме. Раскажи му како не протераа. Отидовме на пат од кој нема враќање. Не по наша вина.
Закаи се заврти кон Јован и со решителен длабок глас му рече:
Јоване, брате. Се што е мое тебе ти го оставам, ти го доверувам. Тебе и на Гил. Ако не се вратам… а можи ќе се вратам… не знам. Сепак… Го знаеш местото. Збогум.
Чекај, а девојчињата???
На безбедно се и тие. Само ние четворицата сме. Татко ми, мајка ми, Бехира и јас.
Бог нека е со вас и нека ве благослови – рече Донка и ја заврти главата на страна. Не сакаше да и ги видат солзите. Сакаше да бидат силни.
До гледање Закаи пријателе. Ќе ти го чувам аманетот.
Тивко липање, воздишки, прегратки, стисок на раце, души раскинати. Со надеж за повторно видување. Бехира не престануваше да плаче. Го крена погледот кон небото. Почна да врне замрзнат дожд. Лапавица. И солзите нејзини замрзнаа. Мораше да биде ладна како мраз. Да нема чувства. Да заборави на децата, да се заборави себеси.
Vjeni males, vjeni males, dies… males .
Донка и Јован набрзина се мушнаа низ вратничето. Ги спастрија работите на скришно место. Го легнаа детето до нивната ќерка. Се погледнаа.
Сега имаме две деца. Ќерка и син. Близнаци. Само ние ќе знаеме тајната и ќе го носиме овој тежок товар. Оди сега, јави им на сите дека Донка ти роди близнаци.
5 минути по полноќ почнаа да се слушаат викотници, плач, лелек. Упаѓаа во еврејските куќи. Ги третираа луѓето како стока, ги влечеа, им викаа. А тие збунети, не знаеја што им се случува. Ги истераа на улица. Ги редеа во колона. Да им се гледаат жолтите ѕвезди. Со по еден куфер во рака. Тргнаа во поход во неврат. Во неизвесност, во нов живот – неживот. Плачеше градот под Пелистер. Плачеше и небото. Утрото беше лапавично. Калдрмата беше лизгава. Колоната одеше кон железничката станица. Ги натоварија во вагони. Празни, за товар, за стока. По 60 души настегани внатре. Мртва тишина завладеа во еврејското маало. Дуваше ветер и ги носеше парчињата од хартија низ калдрмата, делови од документи и по некоја отшиена жолта ѕвезда која се откинала во тргањето. Однекаде се слушаше песна: Ja vjeni dies, vjeni males. Грамофонската плоча ги свиреше и повторуваше истите стихови. Најверојатно се изгребала во моментот. Како можеше??? Ова беше претскажување дека навистина идат денови на несреќа. Денови тешки како планини. Минаа 2 – 3 години. Војна, сиромаштија, страв. Долго очекуваната слобода дојде. Но, животот беше далеку од нормализиран. Децата растеа заедно и беа воспитувани во духот на христијанството. Ниту Донка, ниту Јован немаше храброст да му ја кажат вистината на синот. Му имаа дадено и друго име. Мораа, за да го зачуваат аманетот кој им беше доверен. Чекаа години, денови…. Време помина, а никој од семејството на Гил не се врати. Беше повеќе од очигледно дека никој не преживеал.
10 Март 1961 год. Децата славеа 18- ти роденден. Полнолетство. Веќе дојде моментот кога требаше да му ја кажат вистината на синот. Но како да му кажат? Како ќе реагира? Како подарок му ја дадоа бовчата која Бехира и ја довери на Донка пред 18 години.
Сине мој, во оваа бовча е вистината за тебе. Ти си ни аманет – му рече Јован и со силни емоции и многу солзи му ја раскажа вистината за неговото потекло.
Се мушнаа низ истото вратниче кое му донесе нов живот на детето. Поминаа низ големиот двор и дојдоа однапред на влезот во големата напуштена куќа. Домот на неговите родители. Му го даде клучот. Гил беше во неверување. Среќна насмевка заигра на неговите усни.
Татко мој. Јас во душата некако знаев дека има нешто чудно во мојот живот. Оваа куќа секогаш ме привлекуваше. Како да беше дел од мене, а јас од неа. Многу пати доаѓав тајно и ја слушав тишината и тагата со која беше обвиена. Како да ми шепотеше нешто. Како да сакаше да ми каже. Ти благодарам.
Сине, уште нешто има. Твоето име е Гил. На хебрејски, на твојот јазик, значи среќа. Ти го даде мајка ти Бехира. И навистина ни донесе среќа во семејството. А среќата беше и на твоја страна. Остана жив.
Влегоа во куќата. Мирисаше на спомени, на среќа, на несреќа. На ѕидот во големиот салон, иако подискривен, висеше семејниот портрет: постар брачен пар, помлад пар и две девојчиња. Семејството на Гил. Неговите корени кои тој ќе ги зачува и продолжи.
Јас имам сестри? Каде се?
Само татко ти знаеше каде се. Одмавна Јован со главата. Ако се живи, сигурно ќе дојдат. Ќе те најдат. Закаи пријателе! Ти го зачував аманетот. Биди спокоен.
Тивка квечерина. Две запалени свеќи за Шабат. Полна трпеза, преполна душа. Две драги личности. Сестрите. Беа облечени празнично. На среќата и немаше крај. Гил стана од столот и со вино во раката го кажа својот прв кидуш.
Vjeni jamin tovim.