Во Битола есен е.
А мене душата бавча ми е…
Можеби и дека тука живеам. Дека сум своја на своето. Дека сум во градот кој е толку едноставен, за некои само две улици, а за мене цел лавиринт.
Можеби и дека ме потсеќа на она што допрва треба да дојде. На она што сега во секое семејство е традиција да се прави.
Зимница, големи количини, да се има на залиха, долга и тешка е зимата.
Вино, убаво домашно црвено, омилено на постарите.
Први печени костени, први есенски декорации. Прв есенски дожд, први есенски лисја кои го покриваат целиот парк. Прва вечер каде е свежо, каде секој со палто е надвор.
Прва Битола која мириса на дома.
На домашно приготвено, на домашно негувано.

Прва Битола каде низ старата чаршија има само луѓе кои за некаде само брзаат.
Сѐ е само портокалово жолто и кафеаво, баш како што и доликува на оваа моја убавица.
Сѐ е толку мирно.
Спокојно, хармонично.
Сѐ ми е драго. Како неа. Мојата Битола, толку незаменлива.
А сега. Сега одам да каснам залак два од зимницата од оваа година. Да се напијам еден топол чај од камилица, дур децата надвор во група се берат, да одат едно топло чоколадо да се напијат, врева да направат. Дур возрасните се излезени на утринското сонце, да го искористат онолку колку што можат. И да се потсетат, каква некогаш била, а каква е денес. И каква ќе биде утре.
Оваа наша Битола.
Овој наш дом. А душата моја ќе продолжи бавча да е. Зошто тука живеам, тука есента ме оживува, тука жолтата и портокаловата боја ми се синоним за љубов.
Кон градот.
Кон животот.
Кон октомври и секој месец што иди.


Марија Стојановска е 17 годишна средношколска во СОЕУ „Јане Сандански“ од Битола на која единствена желба и е да успее во поглед на пишувањето. Од хоби, издвојуваме читање на книги и пишување проза и поезија. Искрено, се надева на сите соништа. Со љубов, за сите.