Неколку години со ред бев послужувачка на визита кај Кочо и Мара Даленга. Бев задолжена да ги пречекувам и да ги честам гостите. Мара Даленга беше жена која посебно внимание и грижа се посветуваше на хигиената, на однесувањето со сите комшии. Беше нежна, добра мајка. Постојано беше зафатена со работа. Ретко ќе најдеше време да седне со комшивките на муабет. Во две одаи живееја десет члена. Рано наутро, додека сите спиеја, простираше перени алишта. Сите ќе ги наредеше по боја и големина.

-Колку да се убаво испрани, свекрва ми ме учеше од млада невеста како треба да се редат алиштата. – Не е убаво да се гледа долната облека. Секој има свој начин на работа. Свекрва ми е градска жена. Таа со мене се однесува како со ќерка. Кога ме зеде Кочо, имав само седумнаесет години. Ми дадоа една рака алтани – златници. Ми даруваа најубави роби. Ме однесе на шнајдерка. А мажот ми за мене направи гофи со висока потпетица.

-Кога ќе се дотераш, да бидиш центар на внимание. Сите да се пулат во тебе. Ете, свекрва е ама пусти мерак ми го пренесе, така навикнав.

Тетка Мара ме однесе во анам бања. Ми кажа да се дотерам во убаво фустанче а на нозе ги облеков местриите по мерка ми ги правеше чичко Кочо. Куќата беше светната. Нов килим “на господ појасот”, така го викаше. Го постелуваше на душеме исклучиво за визита. На тркалезната маса ставаше рачно изработен тркалезен чаршаф со пуфки, го имала од чеизот што ѝ го дала мајка и. Штиркан, пеглан, како замрзнат за масата. Во тафтата за маџун ставаше плетено миле, над кое ја местеше сребрената маџунарка. Во една чаша се ставаа чистите сребрени лажички, а во друга чаша со вода, се оставаа употребените. Мене ми ја даваше тафтата да ги служам гостите. На секој кој ќе дојдеше, а обично доаѓаа во парови, ќе им кажев:

-Добро ни дојдовте. Повелете, послужете се. Тетка Мара ќе поминеше со тафтата наредени чаши. Во првиот ред мали чаши со ракија, во вториот ред сок, кој го спремаше дома од јагоди, малини, лимон, со растворање, а во последниот ред вино. Гостите со благонаклоност се заблагодаруваа и благословуваа.
Секој гостин посакуваше добра вечер.

-Ајде, за многу години.Честито име, живи здрави. Потоа ќе ги послужев со маџун. Ќе направевме лаф-муабет и по кратко заминуваа со поздрав.

-Догодина живи здрави да си дочекате.

А ние отпоздравувавме:

-Сполај ви, со добро здравје. Догодина да ни повелите. Мажите беа облечени во костум, кошула, кравата, паларија или капа. Жените, исто така, во костуми, чипка или свила, кошули, ускладени бои, чевли, чанта, некои со капела на глава и ракавици, косата на локни, или лимби, таласи исчешлана и кармин на уста. Имаа префинет стил. Изгледаа гламурозно. Вистински дами и господа. Тоа дава за право да сфатите дека господското држење беше манир
кој се пренесувал од генерација на генерација. Нивниот речник, тонот на гласот, држењето, елитниот изглед одомакен
До тој степен што со полно право Го носеа епитетот господа од Битола. Кај нив на визита доаѓаше градската елита. Чичко Кочо беше голем мајстор, папуџија. Го почитуваа најдобро стоечките градски фамилии за тоа време.

Огледало на животот Љиљана Дијакова Томичиќ

Фотографија насловна од Битола стари фотографии, испратена од Билјана Влајковска