Разговараме со Владо Митев, извршен директор на ⋮IWConnect. Владо ќе сподели што е она што го натера да се пресели од Скопје во Битола, како го прифатија битолчани и како е да се биде директор на една од најголемите ИТ компании во Македонија. Тој ни сподели повеќе за новите објекти кои ⋮IWConnect ги подготвува во Битола и Скопје, кои на вработените во оваа компанија ќе им овозможат работа во канцеларии направени по светски терк.

Во продолжение прочитајте го целото интервју.

Кој е Владо?

Почнувајќи уште од мали нозе, верувам дека мојот животен пат бил предодреден да го поминам во ИТ индустријата, почнувајќи од мојот прв персонален компјутер “Spectrum 48k” во оние школски денови кога најмногу од сè бевме занесени по видео игрите, па преку Commodore 64, Amiga, сe до моето прво PC 286-ка кога полека разбиравме дека компјутерите не се само за играње 😊. Таа љубов кон компјутерите го дефинираше мојот кариерен пат, па така уште во мојата прва година на студии паралелно отворив своја ИТ компанија, која понатаму прерасна во една од водечките ИТ компании во Македoнија во тоа време. Верувам дека тоа рано искуство кога се развиваше ИТ пазарот во Македонија, од програмирање и интересот за хардвер ме пренасочи кон менаџерските води и стратегијата на водење бизнис во кое очигледно добро се снаоѓав и се здобив со драгоцено искуство.

Колку години си во ИТ индустријата?

Во суштина целиот свој живот сум во ИТ индустријата , почнувајќи од основањето на својата прва ИТ компанија, а понатаму повеќе од 25 години на чело на неколку успешни ИТ компании и постојано активен во ИТ бизнисот секторот во Македонија. Во овој долг период, фокусот знаел да се менува од хардвер, на софтвер, на ЕРП системи како и напредни прилагодени софтверски решенија, но тоа што беше константно цело ова време е желбата за постојан раст и нови предизвици, искомбинирани со претприемничкиот дух и разбирање на бизнис опкружувањето и пазарната динамика.

Што те мотивира да направиш промена во својата кариера, па и да се преселиш од Скопје во Битола?

Новите предизвици од секогаш за мене биле најголема мотивација, да се отиде чекор понапред, чекор подалеку, да се натпреваруваш во светски рамки и да бидеш компетитивен, успешен и препознаен како компанија на светско ниво. Па така можноста која ми се пружи да бидам дел од менаџментот на ⋮IWConnect ја прифатив без трошка двоумење, препознавајќи ги пред сè вредностите кои се негуваат во компанијата, корпоративната култура, како и мултидисциплинарноста на компанијата како нешто со што ⋮IWConnect се издвојува од другите ИТ компании во Македонија. Што се однесува до локацијата, искрено во тој момент сето тоа и не го размислував многу и ми беше во втор план, таму некаде далеку затскриено позади огромната мотивација и желба да се успее во оваа нова средина, а со појавата на пандемијата би рекол и во овие нови услови на водење бизнис.

Дали ривалството помеѓу Битола и Скопје е мит или вистина? Како те прифатија колегите во Битола?

Јас обично со насмевка раскажувам за тие денови кога веќе одлучив дека ќе дојдам во ⋮IWConnect, па блиските пријатели се шегуваа со мене велејќи ми: “Свесен ли си кај одиш? И сам знаеш колку се посебни како луѓе програмерите, а тек програмери па згора на тоа и од Битола, тешко тебе како ќе се справиш со сето тоа”!!! Но, да бидам искрен немаше никакви проблеми, освен она “меркање” од далеку првите недела-две, веројатно со мислата “кај го најдоа ова Скопјаништево тука да го донесат” 😊😊 , но откако се запознавме подобро, бев одлично прифатен од сите а богами и јас ги прифатив нив 😊, за да сега после две години веројатно веќе ме сметаат и за Битолчанец 😊. Инаку верувам дека постои некое преќутно ривалство и желба за докажување меѓу Битола и Скопје, но полека мислам дека истото се губи, бидејќи доста од луѓето одат или се селат од Битола во Скопје, па ете јас се обидувам да го поправам малку балансот одејќи во обратен правец од Скопје во Битола!

Колку е тешко да се промени местото на живеење? Дали се променија некои твои навики?

Искрено, не е баш лесно, често патувам на релација Битола-Скопје но полека се навикнувам и се обидувам да го искористам најдоброто од двете локации. Во Битола уживам во смиреноста на градот, бавното темпо на живеење, се е тука блиску, немаш проблеми со паркирање, прекрасната природа е достапна на само 5 минути возење и помислата дека си далеку од оние гужви кои се секојдневие во Скопје. Додека Скопје, сепак како главен град е центар на поважните случувања, а и секако моите најблиски се таму, па ете се обидувам да се привикнам на оваа промена на темпото и на сите нови навики кои произлегуваат со промената што ја направив.

Поминаа веќе две години откако си во ⋮IWConnect, и Битола, дали мислиш дека го направи вистинскиот избор?

После 2 поминати години во ⋮IWConnect , само можам да потврдам дека дефинитивно беше вистинскиот избор и дека само ми се потврдија сите мои очекувања кои ги имав на почетокот пред да дојдам. Едноставно кога ќе ти се поклопат твоите животни вредности и вредностите кои ги негува и живее компанијата, чувствуваш дека припаѓаш таму и дека е тоа вистинската околина за тебе. Навистина е уживање, а воедно и привилегија да си опкружен со посебно интелигентни и паметни млади луѓе со желба и мотив да се надградуваат и растат во секој поглед, а од друга страна со одлична тимска сплотеност и несебичната поддршка на што се должи и успехот на ⋮IWConnnect. Што се однесува до Битола, мислам дека сеуште ја немам запознаено во вистинскиот сјај, пред сè заради пандемијата која се поклопи со моето доаѓање тука, но од зборовите на моите колеги како било претходно, едвај чекам да се нормализира состојбата и да се вратат оние времиња за кои се изнаслушав овие две години.

За крај кои се идните планови на Владо и на ⋮IWConnect?

Тоа што е во блиска иднина најинтересно, би спомнал дека привршуваме со подготовката на нашите нови канцеларии во новиот објект во Битола, кој за сите вработени ќе обезбеди една навистина модерна и уникатна работна средина, а во склоп на самиот објект ќе бидат овозможени и многу други дополнителни содржини кои ќе им се стават на располагање на нашите вработени. Планот е во Јануари да се преселиме во нашите нови простории. Во исто време привршуваме со подготовките и за новиот објект во Скопје, кој исто така веруваме ќе биде подготвен за да можеме се вселиме во Јануари. Веќе ја надминавме бројката од 200 вработени и сме горди што сме најголема, а воедно и најуспешна Македонска ИТ компанија со 100% Македонски капитал. Една добро позната реченица “Наше, а светско” во два збора опишува кои сме ние и кои се нашите идни планови, а тоа е да растеме и да се шириме интернационално и да продолжиме да бидеме препознатливи на глобалниот пазар како сериозен партнер во дигиталниот развој за било која компанија.